Вучиќ сака да се врати како премиер: Најави влада со само 12 министри

Макфакс

04/10/2026

10:30

199

Големина на фонт

а а а

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој сега е кандидат за премиер на Србија, пред илјадници приврзаници во Белградската арена ја претстави својата програма пред предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври.

Вучиќ, кој на 27 септември поднесе оставка од претседателската функција, ја предводи изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. На собирот најави влада со само 12 министри, значително поголемо присуство на министрите на терен, инвестиции во здравството и енергетиката и продолжување на европскиот пат на Србија без откажување од, како што рече, традиционалните пријателства.

По интонирањето на српската химна „Боже правде“, Вучиќ беше пречекан со аплауз и извици „Ацо Србине“ и „Победа“.

На почетокот од говорот му се заблагодари на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој првично беше најавен како гостин, но не пристигна во Белград. Според објавеното образложение, Фицо не добил лекарска дозвола за патување со авион поради здравствената состојба.

„Пред сè, би сакал да ве замолам со голем аплауз да му се заблагодариме на Роберт Фицо за поддршката. Знаеме дека е со нас и дека секогаш ќе биде“, рече Вучиќ.

Тој порача дека неговата кампања треба да испрати порака за „надеж и единство“ и тврдеше дека животниот стандард во Србија е подобрен, иако призна дека дел од граѓаните и натаму се соочуваат со проблеми.

„Сега сме на ниво со повеќе земји од ЕУ кога станува збор за животниот стандард. Повеќе немаме од што да се срамиме. Дали сме задоволни? Не сме! Дали е доволно? Не е! Луѓето и понатаму имаат тешкотии“, рече Вучиќ.

Едно од главните предизборни ветувања е драстично намалување на бројот на министри. Вучиќ најави дека, доколку неговата листа добие доволна поддршка за формирање влада, наместо сегашните 31 ќе има само 12 министри и тој како претседател на Владата.

Најави и таканаречена „Влада на тркала“, односно модел според кој министрите секојдневно би требало да бидат меѓу граѓаните и надвор од Белград.

„Владата ќе биде на тркала и секој ден сите министри ќе бидат на терен, а не да шетате од Париз до Лондон и да глумите големини“, порача Вучиќ.

Како еден од најголемите проблеми го посочи здравството. Најави изградба и реконструкција на здравствени домови, воведување нови терапии за ретки болести, дополнително опремување на болниците и поголемо државно финансирање за лекување во странство.

Зборуваше и за проблемите со водоснабдувањето во делови од Србија и најави големи инвестиции во фекална и атмосферска канализација.

Посебен дел од говорот беше посветен на образованието и протестите што во изминатиот период ја потресоа Србија. Вучиќ порача дека нема да дозволи училиштата и факултетите да се претвораат во „општински одбори на политички партии“.

„Тоа е градено за сите деца на Србија, а не за политички опции. Не сакате да ги учите децата, туку да ги злоупотребувате за да се занимаваат со политика. Нема повеќе! Крај на приказната“, рече тој.

Вучиќ најави и значително поголеми инвестиции во енергетиката, оценувајќи дека на Србија во иднина ќе ѝ биде потребно многу повеќе производство на електрична енергија.

„Не сум задоволен од состојбата во енергетиката бидејќи ќе ни треба многу повеќе електрична енергија. Ќе мора да размислуваме и за мали и за големи нуклеарни електрани и за сè што може да нè спаси во иднина“, рече Вучиќ.

Најави и посебен закон и програма за развој на југот на Србија, со дополнителни стимулации за инвеститорите и земјоделците во најнеразвиените подрачја.

Во надворешнополитичкиот дел од говорот, Вучиќ порача дека Србија ќе го продолжи патот кон Европската Унија, но нема да се откаже од своите традиционални партнерства.

Посебно им се заблагодари на Србите од Косово.

„Никогаш не ја предадоа својата Србија и никогаш нема. Благодарам на хероите кои го чуваат своето име и презиме на Косово! Ние секогаш ќе бидеме со нив“, рече Вучиќ.

Во истиот дел од говорот ја спомена и Хрватска, порачувајќи дека Србија нема да го замени српскиот јазик со хрватски и дека нема да се пеат песни на Марко Перковиќ Томпсон.

„Нема да зборуваме дека наместо српскиот службен ни е хрватскиот јазик, нема да ги пееме песните на Томпсон, имаме свои убави песни, свој Видовдан… Никогаш не сме биле на страната на нацистите и нема да бидеме ниту во иднина“, рече Вучиќ.

Тој повтори дека Србија ќе продолжи кон ЕУ, но и дека нема да воведе санкции кон Русија и нема да ги „гази традиционалните пријателства“.

Вучиќ ја обвини и студентската политичка листа дека добила големи средства од странство со цел да поттикнува поделби и омраза во Србија. За ваквото тврдење во говорот не презентираше докази.

Истовремено ги повика своите приврзаници да не ги третираат политичките противници како непријатели и најави дека, доколку неговата листа победи на изборите на 25 октомври, следниот ден ќе им подаде рака на противниците.

„Тие за нас се луѓе, а не нелуѓе, само политички противници. Секој ден велат ‘одиме на улица’. Одете каде сакате, а јас сакам да ги победам на избори, со пенкало, со заокружување на бројот еден“, рече Вучиќ.

Предвремените парламентарни избори во Србија се закажани за 25 октомври. Вучиќ, кој претходно веќе ја извршуваше премиерската функција, по повлекувањето од претседателската позиција повторно се обидува да се врати на чело на Владата.