[ВИДЕО] Австралија е преплавена со молци

Макфакс

03/10/2026

09:30

201

Големина на фонт

а а а

Австралија се соочува со необична масовна појава на богонг-молци кои мигрираат низ јужниот дел на земјата. Ова претставува позитивен знак по години на значителен пад на нивната популација, со што се очекува да се помогне на опстанокот на овој загрозен вид и екосистемот со кој се поврзани.

Огромни роеви молци последниве денови се појавуваат низ југоисточна Австралија, прекривајќи куќи, прозорци, автомобили и дворови. Иако глетката за многумина е вознемирувачка, научниците велат дека масовната појава на загрозениот богонг-молец е охрабрувачки знак по драматичниот пад на неговата популација во претходните години.

Станува збор за богонг-молецот (Agrotis infusa), кој секоја пролет тргнува на необична миграција од внатрешноста на источна Австралија кон постудените планински области, каде што ги поминува топлите летни месеци.

Годинава бројот на молците е значително поголем. Жители на Нов Јужен Велс пријавуваат илјадници инсекти околу своите домови, а една жителка на Бејтманс Беј за ABC раскажала дека кога ја отворила вратата била пресретната од илјадници молци.

Само за неколку дена на платформата iNaturalist биле регистрирани околу 800 набљудувања на богонг-молци, од кои повеќе од 200 во период од 24 часа.

Зад спектакуларната миграција стои вид кој во изминатите години се соочуваше со сериозен пад на бројноста. Во 2017 година популацијата се намалила за околу 99,5 проценти, а во 2021 година богонг-молецот бил ставен на Црвената листа на IUCN како загрозен вид.

„Последните неколку години не гледавме толку многу богонг-молци“, вели ентомологот Елеонор Дринквотер од Универзитетот „Вестерн Сиднеј“.

Научниците нагласуваат дека молците не ги „напаѓаат“ домовите. Тие мигрираат, а преку ден бараат темни и заштитени места каде што можат да се сокријат од птиците и другите предатори.

Постојат неколку можни објаснувања за годинашниот огромен број. Поголемите количества дожд во северните делови на Нов Јужен Велс можеби обезбедиле повеќе храна за ларвите, додека потоплата зима и северозападните ветрови можеле дополнително да ја поттикнат миграцијата кон Австралиските Алпи. Богонг-молците имаат значајна улога во алпскиот екосистем. Тие се важен извор на храна за повеќе животински видови, меѓу кои и критично загрозениот планински пигмејски посум, а имаат улога и како опрашувачи.

Локалните власти ги повикуваат жителите да не ги прскаат или убиваат молците доколку се појават околу нивните домови. Тие се безопасни за луѓето, а намалувањето на непотребното надворешно осветлување може да им помогне да продолжат по својата миграциска рута.