Минчев: Ја градиме академијата по европски стандарди со фокус на знаењето, компетенциите и развој на администрацијата

Макфакс

02/10/2026

12:00

113

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација Горан Минчев ја посети Националната школа за јавна администрација на Италија, каде разговараа за воспоставување академија за стручно усовршување на административните службеници во Македонија, со цел подобрување на професионалниот развој преку нови системи и соработка со странски институции.

Создавање современ систем за професионален развој на административните службеници

Создавање современ систем за професионален развој на административните службеници, развој на нова генерација раководители и воспоставување силна институција за обука и развој на администрацијата беа во фокусот на работната посета на министерот за јавна администрација Горан Минчев на Националото училиште за јавна администрација на Италија – SNA.

На средбата со претседателот на националното училиште за јавна администрација, проф. Џенаро Терачано, министерот Минчев разговараше за конкретни можности за продлабочување на соработката меѓу двете институции, особено во пресрет на воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници во Македонија.

Националното училиште за јавна администрација на Италија – SNA, е институција на Претседателството на Советот на министри на Италија, со значајна улога во регрутирањето и обуката на државните службеници и раководители, како и во истражувањето и развојот на капацитетите на јавната администрација.

Во фокусот на разговорот беше воспоставувањето директен институционален канал за соработка меѓу SNA и идната Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници.

„За нас, Академијата не е само нова институција, туку нов пристап кон професионалниот развој на администрацијата. Го воспоставуваме системот во кој знаењето, компетенциите и континуираното усовршување стануваат темел на современата јавна администрација. Токму затоа ни е важно да учиме од искуствата на институции како SNA, кои имаат долгогодишно искуство во развојот на административниот и раководниот кадар.“- истакна министерот Минчев.

Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници беше донесен во 2025 година и претставува основа за формирање на Академијата како орган во состав во рамки на Министерството за јавна администрација, која започнува со работа во јануари 2027 година.

Академијата ќе воспостави систем во кој обуките ќе се планираат врз основа на реалните потреби на институциите, нововработените службеници ќе поминуваат задолжителна почетна обука и испит, а раководниот кадар ќе има обврска за професионално усовршување по унапредувањето. Системот предвидува и регулиран статус на обучувачите, база на обучувачи, евалуација на програмите и обучувачите, како и истражувачка и аналитичка дејност.

„Со ова воспоставуваме институционален механизам што досега недостасуваше – системски да се планира, спроведува и мери професионалниот развој на административните службеници. Не сакаме обуките да бидат само формално исполнување на обврска. Сакаме тие да создаваат знаење и компетенции што директно ќе се преточат во подобра работа на институциите и подобри услуги за граѓаните.“ – порача Минчев.

Министерот Минчев го претстави и новиот начин за именување и назначување на високите раководители во јавниот сектор, утврден со неодамна донесениот Закон за високи раководители, и изрази интерес за размена на искуства со SNA во однос на утврдувањето на раководните компетенции и планирање на раководните програми за обука.

На средбата беа разгледани и конкретни можности за соработка преку размена на специјализирани програми и методологии, обучувачи и експерти, студиски посети, заеднички истражувања и размена на искуства во областа на развојот на високите раководители.