Имот под извршување, шупи, плевна: Обвинителството бара одбивање на гаранцијата за Дејан Јованов

Макфакс

02/10/2026

09:50

232

Големина на фонт

а а а

Обвинителството во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани бара од судот да одбие предлог за гаранција за обвинетиот Дејан Јованов, поради правни и вредносни проблеми со понудениот имот што е делумно под извршување и кој се состои од бесправни објекти како шупи и плевни.

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска достави негативно мислење и барање да се одбие предлогот за определување на гаранција, поднесен од обвинетиот Дејан Јованов од Кочани како неоснован.

Со предлогот се бараше од судот спрема обвинетиот да биде определена мерка гаранција во вкупен износ од 195.820 евра во денарска противвредност од 12.042.932 денари, а која гаранција се состои во ставање хипотека на недвижен имот.

Меѓутоа, според обвинителството, при одлучувањето, Судот особено треба да го цени фактот дека изјавата со која се дава согласност понудениот имот да биде даден како гаранција обвинетиот Дејан Јованов ја дал иако бил свесен дека дел од понудениот недвижен имот е предмет на извршување, па ниту може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен.

Освен тоа, понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде впаричен, а секако не во висина на износот на кој е проценет.