Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека е запознаен со ревизорскиот извештај за системот „Мој Термин“ и дека Министерството веќе подготвува акциски план за постапување по забелешките на Државниот завод за ревизија.
Тој рече дека не би сакал да ги коментира пропустите на неговите претходници, бидејќи извештајот опфаќа подолг временски период, но нагласи дека Министерството ги прифаќа утврдените состојби.
„Не би сакал да коментирам пропусти на претходни министри кои се во еден подолг временски период. Она што можам да кажам е дека сум запознаен со извештајот на Државниот завод за ревизија. Не можам да кажам дека во извештајот има грешки или неточности. Сме го потврдиле, состојбата е таква“, рече Клековски.
Клековски рече дека е неразбирливо зошто „Мој Термин“ речиси 18 месеци немал договор за одржување и најави дека од службите побарал подготовка на јавен повик за двегодишно одржување на системот.
„Сметам дека едногодишните договори не го обезбедуваат континуитетот што ни е неопходен за да ги направиме промените“, рече министерот.
Тој посочи дека „Мој Термин“ ќе биде централен дел од најавената дигитализација на здравствениот систем и дека се планираат поголеми интервенции во оваа област.
Во однос на прашањето за правата врз називот на системот, Клековски рече дека не е загрижен доколку називот е заштитен како индустриска сопственост, посочувајќи дека самиот систем може да функционира и под друг назив.
Како дополнителен проблем го посочи недостигот од ИТ-кадар. Според него, во ревизорскиот извештај е наведено дека Управата за електронско здравство е пополнета со 29 проценти од предвидениот кадар, а со сличен проблем се соочува и Фондот за здравствено осигурување.
„Имаме структурен проблем во сите јавни институции, не само во здравството, со нашата атрактивност да привлечеме луѓе од ИТ, кога во приватниот сектор платите се неколкукратно повисоки“, рече Клековски.
Државниот завод за ревизија утврди дека во периодот од јануари 2021 до април 2026 година „Мој Термин“ бил без договор за одржување вкупно 738 дена, односно 37,9 отсто од анализираниот период. Ревизијата посочува и слабости во ИТ-безбедноста, заштитата на личните и медицинските податоци и обезбедувањето континуитет и стабилност на системот. Дополнително, било утврдено дека листите на чекање за операции не ја прикажуваат реалната состојба, а дел од здравствените установи, меѓу кои ГОБ „8 Септември“, не ги евидентираат сите хируршки интервенции во системот. Ревизорите забележале и дека контролите на Министерството за здравство во јавните здравствени установи не се спроведувале континуирано.











