[ФОТО] Вака денес изгледа најпознатиот европски планински врв: „Ова сум го видел можеби само 3-4 пати во животот“

Точка

01/10/2026

16:20

511

Големина на фонт

а а а

Матерхорн, еден од најпознатите планински врвови во светот, изгледа многу необично за овој период од годината.

Наместо снег, сега е речиси целосно оголен. Фотографиите што новинските агенции ги објавија на 27 септември покажуваат дека врвот на планината, висок 4.478 метри и сместен на границата меѓу Швајцарија и Италија, речиси целосно останал без снежна покривка по исклучително жешкото лето и топлата есен.

Оваа планина, чиј препознатлив облик со години беше заштитен знак на чоколадото „Тоблероне“, остана речиси целосно без мраз и снег, иако во овој период од годината таму вообичаено се бележат температури под нулата и првите снежни бури.

Анјан Труфер, планински водич и раководител на планинската спасувачка служба во Цермат, за „Шпигел“ изјавил дека во текот на 30-те години колку што работи на оваа планина, само четири или пет пати се случило нејзиниот врв да биде целосно оголен.

Геоморфологот Јан Блете од Универзитетот во Фрајбург за „Билд“ изјавил дека отсуството на снег на надморска височина поголема од 4.000 метри во овој период од годината е многу невообичаено.


Според податоците на швајцарската служба за метеорологија и климатологија „MeteoSwiss“, Швајцарија го забележала најтоплото лето откако се вршат мерења.

Матијас Хус, раководител на швајцарската служба за следење на глечерите, за „АП“ изјавил: „Затоплувањето на кое сме сведоци целосно може да се припише на климатските промени предизвикани од човекот. Работата е многу едноставна. Без човечките емисии и употребата на фосилни горива, во моментов немаше да имаме никакво затоплување“.

Швајцарските глечери годинава изгубиле 5,5 отсто од својот леден волумен, што е втор најголем процентуален пад забележан во нивната историја. Главните причини биле топлотните бранови и слабите зимски снежни врнежи.


„Алпските глечери немаат изгледи за долгорочен опстанок во вакви услови“, се наведува во соопштението објавено од швајцарската служба за следење на глечерите „ГЛАМОС“ и Швајцарската академија на науките.

Само во изминатите пет години, волуменот на мраз во Швајцарија се намалил за речиси една петтина. Исклучително високите температури годинава предизвикале уривање на делови од некои од највисоките европски планини, што довело до одрони на карпи со смртоносни последици.

Фото: Би-би-си, Гардијан