Русите подготвувале ликвидација на легендарниот Каспаров? Поранешен колега на Путин и неговиот син од ФСБ ја воделе операцијата во Америка

Точка

30/09/2026

21:30

301

Големина на фонт

а а а

Руска мрежа поврзана со разузнавачките служби планирала атентати врз руски дисиденти во Соединетите Американски Држави и Европа, а меѓу потенцијалните цели бил и поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров, пишува шпанскиот весник „Ел Мундо“.

Американското обвинителство обвини пет лица за учество во мрежа која, според обвинението, регрутирала луѓе за следење и убиства на противници на Кремљ, како и за саботажи во земји што ја поддржуваат Украина.

Како што пишува шпанскиот „Ел Мундо“, плановите против Каспаров и поранешниот руски пратеник Илја Пономарјов биле во напредна фаза. И двајцата ова лето биле предупредени дека се потенцијални цели, а според информации од извори блиски до Каспаров, американските власти му потврдиле дека е „мета“ на план за негово убиство.


По ова, на Каспаров, првпат откако ја напуштил Русија, му била обезбедена посебна заштита. Поранешниот светски шаховски шампион и еден од најпознатите руски опозиционери живее во Соединетите Американски Држави од 2013 година.

Каспаров повеќе од две децении е загрижен за сопствената безбедност. Откако во 2005 година ја заврши професионалната шаховска кариера и целосно ѝ се посветил на политиката, ангажирал осум телохранители кои го придружувале во Русија.

Според пишувањето на „Ел Мундо“, тие, меѓу другото, носеле сопствена храна и вода за Каспаров да не мора да консумира храна што му била нудена во јавност.

Во 2012 година Каспаров ѝ рекол на писателката Маша Гесен дека една од најдобрите работи при патувањата во странство била можноста накратко да биде без телохранители. Една година подоцна ја напуштил Русија поради закани и оттогаш не се вратил.


По почетокот на руската инвазија врз Украина, Каспаров во Русија бил прогласен за „странски агент“, а во 2024 година бил ставен и на списокот на „терористи и екстремисти“. Во мај оваа година Русија го ставила и на меѓународна потерница.

Друга важна цел бил Илја Пономарјов, поранешен пратеник во руската Државна дума и еден од најпознатите противници на Кремљ. Пономарјов во 2014 година бил единствениот пратеник во Думата кој гласал против анексијата на Крим.

По заминувањето од Русија, тој продолжил со политичкото дејствување од Украина. По почетокот на руската инвазија се вклучил во украинската територијална одбрана, го основал опозицискиот медиум „Утро Февраља“ и учествувал во создавањето на Конгресот на народни пратеници како политичка алтернатива на режимот на Владимир Путин.

Според неговите тврдења, преживеал пет обиди за атентат. Пономарјов денес живее на релација Киев – Вашингтон, каде што има стан и канцеларија што ја користи како американско седиште на својата политичка платформа.


Според информациите што ги објави „Ел Мундо“, лице кое било регрутирано од руската мрежа фотографирало две локации во Вашингтон поврзани со Пономарјов. Во американските документи тоа лице се води како „Жртва број 1“.

Лицето ангажирано за надзор требало да сними најмалку 30 секунди видео од повеќе агли, за да докаже дека снимките се актуелни и дека лично ги направило. За таквата задача било потребно да се испрати и однапред договорен знак со рака, како кренат палец или знакот „ОК“. За фотографиите и видеоснимките биле нудени меѓу 1.000 и 1.500 долари.

Според пишувањето на шпанскиот весник, лицето било снимено од безбедносни камери, а атентатот не бил извршен бидејќи ангажираниот човек се откажал.

Во комуникацијата се користеле шифрирани изрази. „Да се измери теренот и да се дадат мерките“ се однесувало на претходното следење и надзор, додека „градба“ ја означувала следната фаза – самото убиство.


Американското обвинителство тврди дека мрежата ја сочинувале пет лица поврзани со руските разузнавачки структури. Тие се обвинети за заговор со цел финансирање терористички активности, додека тројца дополнително се обвинети за заговор за убиство по нарачка.

Меѓу обвинетите се Јуриј Храмеев, поранешен полковник на руските разузнавачки служби, кој во младоста работел со Владимир Путин, како и неговиот син Кирил, офицер на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Во групата има и двајца Кубанци и еден Венецуелец. Сите живеат во Русија и во моментов се во бегство, според информациите од американското обвинение што ги пренесе „Ел Мундо“.

Еден од нив, Кубанецот Оемис Ромагоза Дурути, веќе им е познат на литванските власти поради организирање саботажи во Литванија од Русија. Според американските обвиненија, тој е поврзан со случај во кој двајца Шпанци биле регрутирани да запалат компанија во Литванија што ѝ обезбедува услуги на Украина.

За таа задача требало да добијат 4.000 евра, но биле уапсени по бегството во Рига.

Другите двајца, Кубанецот Јаидел Делгадо Суарез, познат под прекарот „Викинго“, и 22-годишниот Венецуелец Анхел Едуардо Кастро, според обвинението учествувале во регрутирање луѓе за напади на американска територија.

Еден од нив ова лето контактирал Венецуелец кој живее во Бруклин и го прашал дали има „некого од доверба во Вашингтон“. Од него било побарано најпрво да ја избрише комуникацијата, потоа да отиде во населбата каде што живее целта, да го вклучи авионскиот режим на телефонот и од далечина да ја снима куќата и околината.


Човекот го извршил надзорот и испратил фотографии и видеоснимки, но одбил да учествува во самото убиство. Потоа од него било побарано да пронајде некого кој би бил подготвен да ја изврши следната фаза од операцијата – самиот атентат.

Мрежата, според американското обвинение, дејствувала и во Литванија. Една од потенцијалните цели бил рускиот опозиционер Иван Тјурин, кој во Вилнус го основал Форумот на слободна Русија заедно со Каспаров.

Според информациите на „Ел Мундо“, руските разузнавачи Јуриј и Кирил Храмеев ангажирале американски државјанин да ја фотографира адресата на Тјурин во литванскиот главен град. Регрутирањето започнало околу 24 јуни 2025 година, а за убиството, според тие наводи, биле понудени 25.000 долари.

Тјурин уште во 2024 година бил под заштита, во периодот кога, според американското обвинителство, мрежата почнала да дејствува. Литванската полиција во последните месеци повторно го предупредила дека идентификувала активности поврзани со неговото следење.

Од судските документи, според „Ел Мундо“, не е јасно дали токму тој бил лицето што мрежата планирала да го убие во близина на Вилнус.


Како уште една можна цел се споменува Руслан Габашов, активист од Башкортостан кој се залага за независност на таа руска република и живее во егзил во Вилнус. Габашов во 2025 година пронашол уред за следење на својот автомобил, по што литванското обвинителство идентификувало план за негово убиство.

Меѓу можните цели се споменува и Владимир Кара-Мурза, руски опозиционер кој поминал години во затвор во Сибир, а бил ослободен во 2024 година во голема размена на затвореници меѓу Русија и западните земји.

Кара-Мурза претходно тврдел дека двапати бил отруен. Според пишувањето на „Ел Мундо“, неговото име се појавува во поширокиот контекст на можни операции против руски дисиденти, иако достапните податоци не потврдуваат дека во овој конкретен случај бил извршен обид за атентат врз него.

Според американските власти и информациите што ги објави „Ел Мундо“, мрежата позната како „RIS“ дејствува најмалку од 2024 година. Досега таа главно се поврзувала со саботажи во Европа, при што за одделни операции биле ангажирани локални криминалци или лица кои за пари прифаќале да извршуваат одредени задачи.

Меѓутоа, сегашниот случај е особено чувствителен бидејќи американските власти тврдат дека истата мрежа се обидувала да организира операции и на територијата на Соединетите Американски Држави.


Во минатото Русија и САД главно избегнуваа извршување атентати на територијата на другата држава. Најпознатите операции за кои западните власти ја обвинуваат Москва во последните децении главно се случуваа во Европа.

Меѓу нив се труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со „новичок“ во британскиот Солсбери во 2018 година, како и убиството на чеченскиот бунтовник Зелимхан Хангошвили во Берлин во 2019 година.

Германски суд утврди дека за убиството на Хангошвили е одговорен Вадим Красиков, кого западните земји го поврзуваа со руската ФСБ. Красиков во 2024 година бил ослободен во рамките на голема размена на затвореници.


Во Шпанија во 2024 година бил убиен и Максим Кузминов, руски пилот кој во 2023 година со хеликоптер пребегал во Украина. Шпанските власти го истражуваа неговото убиство, а случајот привлече големо внимание поради неговото претходно преминување на украинска страна.

Руските власти јавно не презедоа одговорност за операциите опишани во американското обвинение. Американското обвинителство товари конкретни лица за кривични дела поврзани со планирање и организирање напади, додека поврзаноста со руските разузнавачки структури се темели на наводите на американските истражители и доказите наведени во обвинението.

Според пишувањето на „Ел Мундо“, руските структури во последните години сè почесто користат лица од шпанското говорно подрачје за операции во Европа, меѓу другото и затоа што многумина од нив имаат престој во Шпанија и можат полесно да се движат меѓу Русија и земјите од Европската унија.

Американското обвинение, сепак, не ги товари кубанските власти за учество во овие операции, а Хавана отфрли каква било поврзаност со нив.