Казалиште „Марин Држиќ“ од Дубровник ќе гостува на 29 септември во Македонскиот народен театар со претставата „Види како Локрум мие заби“, која раскажува длабоко интимна приказна за семејните врски и соочувањето со загубата низ четири генерации жени.
Македонскиот народен театар на 29 септември ќе биде домаќин на Казалиште „Марин Држиќ“ (КМД) од Дубровник, кое пред скопската публика ќе ја изведе претставата „Види како Локрум мие заби“, работена според драматизација на истоимениот роман на хрватската писателка Ивана Ловриќ Јовиќ.

„Види како Локрум мие заби“, во режија на Паоло Тишљариќ, е емотивна и длабоко интимна приказна која се одвива во текот на една ноќ – помеѓу моментот кога главната протагонистка ја дознава веста за смртта на својот татко и неизбежното соочување со загубата.
Низ четири генерации жени од едно семејство, претставата ги истражува сеќавањата, тагата, љубовта и сложените семејни врски. Таа исто така говори и за начините како човекот се справува со болката и загубата.

Претставата е копродукција на Казалиште „Марин Држиќ“ и Дубровничките летни игри, а драматизацијата ја потпишува Маријана Фумиќ.
Во актерската екипа настапуваат Марија Шегвиќ / Ирена Тереза Прпиќ, Сандра Лончариќ, Миреј Станиќ, Ања Матишиќ, како и Перица Мартиновиќ, Ника Ласиќ, Борис Матиќ и Бојан Берибака.

По премиерната изведба, претставата оствари бројни гостувања во Хрватска и странство, настапувајќи на значајни фестивали и сцени во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција.

Македонскиот народен театар со особено задоволство ја продолжува меѓународната културна размена со еден од најзначајните хрватски театри. Ова гостување ќе биде уште една можност за зближување на уметниците и публиката преку театарската уметност.
Билетите се пуштени во продажба онлајн и на билетарницата.
















