Следната година Скопје ќе биде домаќин на Светското првенство во танц

Макфакс

25/09/2026

17:35

140

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека следната година Скопје ќе биде домаќин на Светското првенство во танц, потврдувајќи ја важноста и капацитетот на градот како домаќин на големи меѓународни културни настани.

Следната година Скопје ќе биде домаќин на Светското првенство во танц, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој се обрати на Европското првенство во танц што се одржува во Скопје, а на кое учествуваат повеќе од 2.900 танчери од 26 европски земји.

„На сите учесници им посакав топло добредојде во Скопје, градот кој овие денови живее во ритамот на младоста, енергијата, талентот и пријателството. Скопје денес е голема европска сцена на која се среќаваат култури, се создаваат нови пријателства и се споделува една заедничка страст, љубовта кон танцот. Танцот е јазик кој не познава граници. Во него се спојуваат талентот, дисциплината, емоцијата и посветеноста. На сите натпреварувачи им посакувам успешни настапи, многу среќа и од Скопје да понесат прекрасни спомени и желба повторно да ни се вратат“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој најави дека следната година Скопје ќе биде домаќин и на Светското првенство во танц, што, според него е големо признание за нашиот град и потврда дека Скопје има капацитет, енергија и амбиција да биде домаќин на најголемите меѓународни настани.