Француски актер евтанизиран на 43-годишна возраст по тешка болест: „Неговото тело повеќе не можеше да издржи“

Точка

25/09/2026

07:50

464

Големина на фонт

а а а

Францускиот актер и театарски режисер Арно Денис почина на 43-годишна возраст, откако бил подложен на евтаназија во Намир, Белгија.

Овој уметник, познат и по улогата во филмот „Yves Saint Laurent“, својата одлука ја објави неколку месеци порано, откако неговата здравствена состојба се влошила до тој степен што предизвикала тешка инвалидност.

Неговиот адвокат Филип Куртоа за АФП изјавил дека одлуката била донесена по консултации со тројца лекари од Намир.

„Неговото тело повеќе не можеше да издржи“, додал тој. Актерот во вторникот на социјалните мрежи ја објавил својата последна порака.


Во неа, евтаназијата ја претставил како ослободување по речиси три години страдање, а ја критикувал и медицинската нега што ја добивал во тој период.

Здравствената состојба на Денис се нарушила во јули 2023 година, кога бил подложен на операција на десностраната препонска кила (хернија) и му била вградена протеза. Оттогаш почнал да страда од различни здравствени проблеми, кои директно ги поврзувал со имплантот.

Соочен со влошувањето на состојбата, подоцна отпатувал во Соединетите Американски Држави за да се подложи на зафат за отстранување на имплантот. Му бил дијагностициран мијалгичен енцефаломиелитис, болест која тој ја поврзувал со последиците од операцијата.

Сепак, причинско-последичната врска меѓу протезата и низата негови здравствени проблеми не била правно утврдена, што било релевантна околност во постапката што ја започнал во Франција.


Во јануари годинава тој поднел пријава против лице чиј идентитет не е објавен, поради ненамерно нанесување повреди. Париското обвинителство кон крајот на август го архивирало предметот, оценувајќи дека делото не било доволно прецизно квалификувано.

Обвинителството признало дека временскиот тек на настаните дозволува можност за постоење врска меѓу симптомите и имплантот, но истакнало дека научно не е утврдена сигурна причинско-последична врска врз основа на која би можела да се утврди кривична одговорност на производителот на протезата или на лекарите кои ја препишале и вградиле.

Правната битка, сепак, не завршува тука. Неговиот адвокат на 18 септември поднел нова пријава со барање за стекнување статус на оштетена страна во постапката, обидувајќи се да иницира судска истрага. Тој потврдил и дека Денис го овластил да продолжи со правните активности и по неговата смрт.