Сликовницата „Најмалиот остров на светот“ на писателката Билјана Црвенковска со илустрации на хрватската уметница Хана Тинтор, издание на Чудна Шума, е вклучена во престижниот меѓународен каталог „White Ravens 2026“ (Бели гаврани 2026) на Минхенската библиотека за деца и млади.
Меѓународниот каталог „The White Ravens“ е престижна годишна листа на препорачани дела од најдобрата светска книжевност за деца и млади. Каталогот го издава Меѓународната библиотека за деца и млади во Минхен (Internationale Jugendbibliothek). Секоја година во каталогот се вклучуваат околу 200 избрани наслови од повеќе од 50 земји во светот, напишани на околу 40 различни јазици.
Неколку дена пред почетокот на саемот на книга во Франкфурт, кој годинава се одржува од 7 до 11 октомври, се објавува престижниот каталог „Бели гаврани“ (White Ravens) и содржи листа од околу 200 најдобри книги за деца и млади за тековната година. Во овогодинешното издание е вклучена сликовницата „Најмалиот остров на светот“ на Црвенковска и Тинтор. Каталогот ќе биде промовиран на саемот во Франкфурт, додека изложбата на двестоте најдобри книги за 2026 година ќе се случи следната година, на саемот за книги за деца и млади во Болоња.
Во каталогот е вклучен и краток осврт кон сликовницата:
„За оваа едноставна, а истовремено контемплативна сликовница, Билјана Црвенковска ги здружува силите со хрватската илустраторка Хана Тинтор. „Најмалиот остров на светот“ има за цел да ги охрабри децата кои чувствуваат потреба да се оддалечат од родителите кога тие се караат.
Братот и сестрата, Ален и Ирма, не можат да ја поднесат расправијата што допира до нив од другата страна на вратата од нивната соба. Ги затвораат очите и тргнуваат на необично патување низ разбранувани води и дожд од лисја, сè додека не стигнат до најмалиот остров на светот, сино дрво со куќичка во неговата крошна. Таму откриваат дружина фантастични суштества кои ги канат на гозба. Кога се враќаат во својата соба, сè е тивко – расправијата завршила. Ален и Ирма знаат дека островот секогаш ќе ги чека, но и дека тие двајцата секогаш ќе бидат тука еден за друг.
Користејќи само три бои – црна, црвена и сина – Хана Тинтор успева приказната на Билјана Црвенковска да ја преточи во кохерентен, динамичен и симболичен визуелен свет. “
Во изминатите изданија на каталогот се вклучени две изданија на „Чудна Шума“: „Тигар на улица“ на Билјана Црвенковска и илустрации на Катерина Николовска (White Ravens 2023), и „Забранетата соба“ на Александра Симова Клинчарова и илустрации на Хари Дудески (White Ravens 2024).












