[ВИДЕО] Ново детско музичко шоу „ЈЕЕЈ!“ - автентичната магија на „Светот на Биби“ оваа сабота пристигнува во реалниот свет

Точка

23/09/2026

12:54

346

Големина на фонт

а а а

Тимот на „Светот на Биби“, по повеќе од 8 години многу успеси тука и во странство, овој месец започнува нов проект - детско музичко шоу „ЈЕЕЈ!“

Омилените детски ликови Биби и Боби во новото шоу оживуваат во реалниот свет, заедно со уште неколку нови пријатели, како и со веќе познати анимирани ликови. Она што ги спојува и ќе го истражуваат во новиот музички и едукативен серијал е - музиката.

По конкурсот за кастинг, кој беше објавен минатата година, тимот на „ЈЕЕЈ!“ откри талентирани млади актери кои со полна пареа го подготвуваат новото шоу. Надиа Кирковска е во улога на Биби, Максим Апостоловски е Боби, а Марта Конеска и Христијана Матеска ќе внесат дополнителна свежина со нови ликови за кои допрва ќе се зборува.

Првата епизода ќе се емитува премиерно на јутјуб-каналот на „Светот на Биби“ на 26.9.2026 (сабота) во 19:00 часот. Линк до најавната шпица - https://www.youtube.com/watch?v=Ysssn7CQVBw

Шоуто е во продукција на „Светот на Биби“. Главни продуценти се Стојче Коко Ѓорѓиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски. Режисер и сценарист е Бојан Трифуновски, а за снимањето и монтажата е задолжен Јосип Здравковски.


Во реализацијата е вклучен и дел од продукцискиот тим што стои зад проектите на „Светот на Биби“, предводен од арт-директорот Михајло Димитриевски - Тхе Мичо. Музички директор на шоуто е Ангел Ќосев. „ЈЕЕЈ!“ се снима во студиото „Подрумот“. - Во време кога сè почесто се појавуваат брзо создадени песни и анимирани видеа генерирани со вештачка интелигенција, сакавме да создадеме оригинално шоу што ќе им помогне на децата да ја препознаваат, сакаат и да создаваат квалитетна музика.

На „ЈЕЕЈ!“ работиме речиси една година. Ги оживеавме Биби и Боби, кои заедно со учителката по музичко Моника и нејзината асистентка Тина ќе ги водат децата низ светот на музиката, ритамот и инструментите. На кастингот за Биби и Боби се пријавија повеќе од 600 деца, што ни покажа колку голема желба имаат да пеат и да настапуваат.

„ЈЕЕЈ!“ ќе живее и надвор од екранот, преку настани и концерти на кои децата ќе се дружат, ќе запознаваат музичари и ќе ја доживуваат музиката во живо. Почнуваме од Македонија, а планираме шоуто да стигне во сите земји каде што е присутен „Светот на Биби“.

Благодарни сме им на сите компании што ни се придружија во оваа мисија - изјавуваат продуцентите од „Светот на Биби“.

Главен партнер е ПЗУ Авицена Лабораторија. Партнери се Македонски Телеком, Лококроко и Дексико (Србија), а пријатели на „ЈЕЕЈ!“ кои го поддржуваат проектот се Алкалоид, Шпаркасе Банка, Триглав Осигурување и Flying Tiger Copenhagen.

До крајот на 2026 година се планирани осум епизоди, кои ќе се емитуваат на јутјуб-каналот на „Светот на Биби“ (https://www.youtube.com/@SvetotnaBibi). Корисниците на MagentaTV ќе имаат пристап до дополнителнa содржина од шоуто.

За повеќе информации следете ги сите канали на социјалните мрежи на „Светот на Биби“, како и тик-ток профилот @jeej.mkd - https://www.tiktok.com/@jeej.mk