Унгарија укинува дел од законите на Орбан против ЛГБТ-заедницата

Макфакс

13/10/2026

13:00

192

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот парламент го укина дел од законите воведени од поранешниот премиер Орбан кои ги ограничуваа правата на ЛГБТ-заедницата, како дел од напорите да се усогласат унгарските закони со стандардите на Европската Унија. Овие измени претставуваат важен чекор во подобрувањето на правата на ЛГБТ-лицата и заштитата на децата во земјата.

Унгарскиот парламент денес гласаше за измена на законот за заштита на децата, укинувајќи одредби насочени против ЛГБТ-лицата, кои беа воведени во 2021 година за време на мандатот на поранешниот премиер Виктор Орбан. За измените гласаа 139 пратеници, додека 51 гласаа „против“.

Ова претставува прва значајна промена на законите на Орбан со кои се ограничуваа ЛГБТ-правата, откако проевропскиот премиер Петер Маѓар ја презеде функцијата во мај.

Претходниот закон забрануваше прикажување и промовирање на различни сексуални ориентации и родови идентитети во содржини достапни за деца. Според новите правила, забраната ќе се однесува на содржини што би можеле сериозно да го загрозат физичкиот, интелектуалниот, емоционалниот или моралниот развој на децата помлади од 18 години.

Маѓар убедливо го победи Орбан на парламентарните избори во април, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење. Во текот на годините, владата на Орбан воведе некои од најстрогите ограничувања на ЛГБТ-правата во Европа.

„Фактот што се отстрануваат ограничувањата за пристап до ЛГБТ-содржини е дефинитивно важен и позитивен чекор напред“, изјави за AFP Тамаш Домбош од организацијата за човекови права „Háttér Society“. Маѓар изјави дека измените ќе ги усогласат унгарските закони со правилата на Европската Унија, откако беше утврдено дека ограничувањата на Орбан ги прекршуваат основните вредности на ЕУ.

Иако за време на изборната кампања не зборуваше конкретно за ЛГБТ-правата, Маѓар покажа подготвеност да измени некои од законите на Орбан откако ја презеде функцијата. Сепак, пред денешното гласање, тој не ги претстави измените како враќање на правата на ЛГБТ-заедницата, туку како зајакнување на заштитата на децата, без оглед на сексуалната ориентација.

„Останува уште многу да се направи. Дури и ако единствената цел на владата е да ја врати правната состојба што постоеше пред 2020 година, сè уште има бројни закони што треба да се изменат, а не знаеме дали владата работи на тоа“, додаде Домбош.

Меѓу законите што сè уште се во сила се оние што ги спречуваат трансродовите лица да добијат правна признаеност на својот родов идентитет и им забрануваат на истополовите парови да посвојуваат деца. Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) претходно предупреди дека другите дискриминаторски одредби во унгарските закони останале непроменети.

Организацијата истакна дека новите амандмани не го решаваат прашањето за дискриминаторската терминологија во Унгарскиот устав или ограничувањата во Законот за јавни собири, кои се користеа за забрана на парадите на гордоста и другите собири поврзани со ЛГБТ-заедницата.