Според Глобалниот индекс на компанијата „Оксфорд економикс“ (Oxford Economics), норвешкиот град Берген е прв на листата на најдобри градови за живот во Европа, а по него следуваат Гренобл и Берн, благодарение на високиот стандард и балансираниот живот.
Да се пресмета што точно го прави еден град совршено место за живеење е исклучително сложена задача. За разлика од годишните ранг-листи на магазинот „Тајм Аут“ (Time Out), кои се потпираат на анкети меѓу локалното население за ноќниот живот, културата, зелените површини и пешачката пристапност, аналитичарите на компанијата „Оксфорд економикс“ примениле строго аналитички пристап.

Во својот Глобален индекс на градови за 2026 година (Global Cities Index), во склоп на кој се опфатени 1.000 најголеми светски урбани центри, тие се фокусирале на пет клучни критериуми:
✅Еднаквост на приходите
✅Висина на платите
✅Трошоци за домување
✅Очекуван животен век
✅Рекреација и културни содржини.
Иако златниот медал на глобално ниво го однесе австралискиот главен град Канбера – пред сè благодарение на врвниот здравствен систем – титулата за најдобар европски град му припадна на норвешкиот град Берген.
Второто место во вкупниот глобален поредок и првото во Европа го зазеде Берген. Сместен во рамките на фјордот Бифјорден и опкружен со драматични планински врвови, овој норвешки град нуди единствен животен стил – место каде што работниот ден на добро платено работно место можете да го завршите со планинарење веќе во самрак.
Берген оствари извонредни резултати благодарение на беспрекорниот баланс меѓу деловниот и приватниот живот. Платите се високи, јазот во богатството е исклучително мал, а врвната Универзитетска болница Хаукеланд обезбедува висок стандард на здравствена заштита, што директно се одразува на рекордниот долг животен век на жителите.

Сребрениот медал во европска конкуренција (четврто место глобално) го освои францускиот Гренобл. Познат како „престолнина на Алпите“, Гренобл беше победник на оваа листа во 2024 година, а и понатаму бележи врвни резултати спојувајќи го силниот сектор за научни истражувања со светски познатите скијалишта во непосредна близина. Градот е идеален за експертите во технолошкиот сектор кои викендите сакаат да ги поминуваат на скијачките патеки.
Третото место во Европа (петто глобално) му припадна на Берн. Швајцарската престолнина успешно ја спојува препознатливата ефикасност со опуштениот ритам на животот. Берн се истакнува по функционалните јавни служби, исклучително високата куповна моќ на граѓаните и чистиот урбан дизајн со ниско ниво на стрес, кој овозможува врвен животен стандард без секојдневен метеж типичен за метрополите.

Топ 10 европски градови според квалитетот на животот во 2026 година:
📌Берген, Норвешка (2. место во светот)
📌Гренобл, Франија (4. место во светот)
📌Берн, Швајцарија (5. место во светот)
📌Осло, Норвешка (6. место во светот)
📌Луксембург, Луксембург (7. место во светот)
📌Дрезден, Германија (8. место во светот)
📌Гент, Белгија (9. место во светот)
📌Париз, Франција (10. место во светот
📌Базел, Швајцарија (11. место во светот)
📌Линц, Австрија (12. место во светот).










