Нутриционистка открива кој е најздравиот начин за пиење кафе

Точка

21/09/2026

21:06

375

Големина на фонт

а а а

Кафето има донекаде контрадикторна репутација кога станува збор за здравјето. Иако често се споменуваат можните влијанија на кофеинот врз сонот, варењето и нивото на кортизол, кафето истовремено е богато со антиоксиданси и може да има одредени здравствени придобивки.

Нутриционистката и натуропат Лор Хивернат објаснува дека многу зависи од тоа какво кафе пиеме, што додаваме во него и во кој период од денот го консумираме.

Според Хивернат, најдобар избор е еспресо или ристрето без шеќер и млеко, идеално околу 10:30 до 11 часот и никогаш на празен стомак. „Класично силно црно кафе, како еспресо или ристрето, без шеќер и млеко е најдобрата опција бидејќи е богато со полифеноли“, вели таа за „Vogue“. Кафето на празен стомак може да го надразни дигестивниот систем и да ја зголеми желудочната киселина, додека кортизолот по будењето веќе е природно зголемен.


Хивернат советува да се избегнуваат шеќер, сирупи и други слатки додатоци и смета дека кафето е најдобро да се пие без засладувачи. Ако додаваме млеко и добро го поднесуваме, таа препорачува квалитетно полномасно млеко, а од растителните алтернативи – незасладени напитоци од бадем или кокос.

Таа препорачува и меѓу оброкот и кафето да поминат најмалку два часа, бидејќи кофеинот може да влијае врз апсорпцијата на одредени хранливи материи, особено на железото. Ова е особено важно за жените кои имаат менструација, спортистите и вегетаријанците. Кофеинот може да стапи во интеракција и со одредени лекови, па лицата кои земаат терапија треба да ги следат индивидуалните медицински препораки.


Иако кафето содржи антиоксиданси, кофеинот е стимуланс, па Хивернат советува да се обрне внимание на количината што ја пиеме. „Кога кафето ќе стане неопходно за функционирање, тоа повеќе не е извор на енергија, туку прикрива нерамнотежа“, истакнува таа.

Таа препорачува најмногу една шолја дневно, а како уште поумерена опција наведува и само една шолја неделно.