Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побара одржување на референдум во кој граѓаните ќе одлучат дали сакаат рудници во нивната околина, изразувајќи загриженост за опасностите од ископување антимон и последиците по животната средина и здравјето.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побара граѓаните на референдум да се изјаснат дали сакаат во нивното место на живеење да има рудници. Кети Штерјова од СДСМ денес изнесе низа обвинувања за распродавање на националните богатства.
„Мицкоски ја распродава Македонија. Земјата, водата, рудата, природните ресурси, националните богатства ги нуди на компании. Одлучил Мицкоски сам, народот никој не го прашува. Прво, за дата-центрите – одлуката е веќе донесена од Мицкоски. Дата-центрите ја загреваат водата, трошат огромни количества електрична енергија, а сметката ја плаќаат граѓаните и земјоделците кои ќе останат без вода. Нема нови работни места, нема профит за државата – профит има само за компанијата. Водата е најважниот ресурс. Во време кога водата на повеќе од 50 места во Македонија е загадена, Мицкоски сака да копа антимон.
Ископувањето може да биде опасно за граѓаните, бидејќи изложеноста на прашина може да ги оштети белите дробови и да влијае врз срцето, црниот дроб и други органи, а може да дојде и до загадување на подземните води. Водата тогаш може да содржи антимон и други тешки метали. Јасно ви е колку може да биде опасно, кога сега во водата имаме бактерии од фекално загадување, а замислете го и ова“, вели Штерјова.
Во услови кога 11 недели не можеме да добиеме извештај дека водата во Гостивар е чиста, иако над 5.000 луѓе завршија во болница Штерјова праша како оваа неспособна власт ќе се справи со ризиците од рудник за антимон? Потсети дека ископот на антимон е опасен исто како и литиумот и запрен е на повеќе места во Европа токму поради опасност по животната средина и по луѓето.
„Изгледа дека Мицкоски одлучил да им ги земе сите пари на граѓаните, да земе провизија од секој проект и да ја упропасти целата држава. Да ги истера луѓето од сопствената земја. Мицкоски нема право да ја распродава земјата, водата, рудите, националните богатства. Мора граѓаните да се прашаат. Во средините во кои што живеат да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат, близу до нивните места на живеење, да се градат рудници. Бараме референдум! Македонија не е на распродажба!“, рече Штерјова.












