Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година

Макфакс

18/09/2026

16:20

181

Големина на фонт

а а а

Извршниот одбор на Народната банка одлучи да го задржи противцикличниот заштитен слој на капиталот на 2%, со цел да се одржи стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем во услови на тековни макрофинансиски предизвици.

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем, извести Народната банка.

Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.

Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.

Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката, се додава во соопштението на НБ.