Катастрофите во Кина однесоа стотици животи, штетата надминува 4 милијарди евра

Макфакс

18/09/2026

10:00

147

Големина на фонт

а а а

Во август природните катастрофи во Кина предизвикаа големи економски и човечки загуби, со вкупна штета од околу 4,7 милијарди евра и стотици загинати. Најголемо влијание имаше тајфунот Долфин, додека поплавите и геолошките катастрофи погодија милиони луѓе и значителни површини земјоделско земјиште.

Директната економска загуба од природните катастрофи во Кина во август изнесуваше 36,03 милијарди јуани, или околу 4,7 милијарди евра, објави кинеското Министерство за управување со вонредни состојби. Според министерството, 595 лица загинаа или исчезнаа во природни катастрофи во август.

Вкупно 12,62 милиони луѓе беа погодени, а штетата беше регистрирана на 857.400 хектари земјоделско земјиште. Најголема штета предизвика тајфунот „Долфин“, најсилниот тајфун што ја погоди Кина оваа година. Штетата предизвикана од тајфунот изнесуваше 28,26 милијарди јуани, што е околу 78 проценти од вкупната штета регистрирана во август.

Од четирите тајфуни што го погодија копното на Кина во август, „Долфин“ имаше најголемо влијание. Погоди 8,8 милиони луѓе и 365.900 хектари земјоделско земјиште.

Во август, поплави и лизгање на земјиштето го погодија и граничниот премин што го поврзува автономниот регион Тибет на Кина со Непал. Во катастрофата загинаа повеќе од 1.400 луѓе во двете земји.

Обемот на катастрофата, предизвикана од уривање на глечер, сè уште се утврдува, соопшти министерството. Според најновите официјални кинески податоци, 43 лица загинаа во лизгањето на земјиштето, додека 519 сè уште се водат како исчезнати.

Поплавите над нивото на предупредување се случуваа почесто од вообичаеното низ целата земја, додека геолошките катастрофи беа особено чести во западните делови на земјата“, соопшти кинеското министерство.