Жена од Велес е обвинета дека ја прекршила судската забрана и му испраќала заканувачки пораки на нејзиниот поранешен партнер, по што полицијата започнала истрага.
Триесет и осумгодишна велешанка е осомничена дека не ја почитувала судската одлука со која ѝ било забрането да го вознемирува, да му се приближува и директно или индиректно да комуницира со нејзиниот поранешен партнер.
Како што соопшти МВР, вчера во 13:35 часот полициски службеници од СВР Велес извршиле службен разговор со А.Ј.(38) од Велес, постапувајќи по претходна пријава.
Според пријавеното, таа не ја почитувала одлуката на Основниот суд Велес за забрана за контакт со нејзиниот 36-годишен поранешен партнер. Му се јавувала на телефон и му испраќала пораки на социјалните мрежи со заканувачка и навредлива содржина.
По целосно расчистување и документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.








