Популарната франшиза „Брзи и бесни“ добива ТВ-серија: Премиерата е планирана за 2028 година

Точка

02/10/2026

18:36

306

Големина на фонт

а а а

Стриминг-сервисот „Peacock“ (Пикок) официјално го одобри снимањето на играна серија базирана на филмската франшиза „Брзи и бесни“ (Fast and Furious). Развојот на проектот беше најавен претходно оваа година на презентацијата на компанијата „NBCUniversal“.

Продуцентски тим

Вин Дизел, кој уште во мај најави дека проектот е во подготовка, ќе биде извршен продуцент. Во продуцентскиот тим се и Сем Винсент (One Race), Нил Х. Мориц и Павун Шети (Original Film), како и Џеф Киршенбаум и Крис Морган (Chris Morgan Productions).

Главните креативци на серијата (showrunners), сценаристи на пилот-епизодата и извршни продуценти ќе бидат Мајк Даниелс, познат по работата на сериите „Синови на анархијата“ и „Нијанси на синото“, како и Вулф Колман („Нијанси на синото“, „911: Lone Star“).

Планирана премиера

Според најавите од Пикок, целта е серијата премиерно да биде прикажана до 2028 година. Тој термин би се совпаднал со кино-премиерата на следното филмско продолжение, „Fast Forever“, која е закажана за 17 март 2028 година. За продукцијата е задолжен „Universal Television“, оддел на „Universal Studio Group“.

Проширување на франшизата на телевизија

Вин Дизел уште во мај зборувал за плановите за телевизиско проширување.


„Во текот на последната деценија сфативме дека обожавателите сакаат повеќе. Сакаа да ги прошириме приказните за ликовите што го сочинуваат ова наследство. Долго го планиравме влегувањето во телевизискиот простор, но морав да го почекам вистинскиот момент. Тој момент дојде кога Дона Ленгли ја презеде контролата над целиот проект.


Тогаш знаев дека интегритетот на ликовите, меѓународната привлечност и она чувство на семејство што нè поврзува сите ќе бидат заштитени и во телевизиски формат. Денес можам да потврдам дека Пикок ќе лансира дури четири серии од светот на „Брзи и бесни“, изјавил тогаш Дизел.


Ова не е првпат франшизата да се појави на телевизија. Нетфликс од 2019 до 2021 година емитуваше шест сезони од анимираната серија „Fast & Furious Spy Racers“.

25 години феномен

Компанијата „NBCU“ по повод 25-годишнината од франшизата потсети на нејзините почетоци.

„Оваа година ја одбележуваме 25-годишнината од една од најпознатите филмски франшизи во историјата на кинематографијата. Universal Pictures на 22 јуни 2001 година го објави „Брзи и бесни“, високооктански трилер сместен во светот на уличните трки во Лос Анџелес. Филмот, во кој главните улоги ги имаа Вин Дизел како Доминик Торето, Пол Вокер како Брајан О’Конер, Џордана Брустер како Миа и Мишел Родригез како Лети, започна глобален културен феномен“, се наведува во објавата.