Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека здравството е врвен приоритет и најави продолжување на реконструкцијата на здравствениот систем, вклучувајќи ги проектите во Клиничкиот центар во Штип, болницата во Тетово и здравствениот дом во Кичево. Посебно внимание посвети на реновирање на Одделот за неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија и идните планови за изградба на нов клинички центар во Скопје.
Здравството е еден од врвните приоритети и во периодот кој што следи сериозно сме посветени кон реконструкција на целокупниот здравствен систем, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Во периодот што следи, како што најави, ќе продолжат активностите за реконструкција на здравствениот систем. Тој ги посочи проектите поврзани со Клиничкиот центар во Штип, Клиничката болница во Тетово и здравствениот дом со проширена дејност во Кичево.
Изрази задоволство што целосно е реновиран Одделот за неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија, со што како што оцени, пациентите ќе добијат поквалитетни услови за нега и лекување.
„Работиме и на проект со кој што ќе се консолидираат конечно општите и заеднички служби при Клиничкиот центар тука во Скопје.
Состојба која што беше наследена од претходната влада со десетици милиони евра долг.
Но, исто така и во рамки на хортикултурното уредување, на енергетската ефикасност на самите згради кои што се во овој клинички центар бидејќи тоа е дел од реформската агенда, да секоја година реконструираме и реновираме отприлика и енергетски-ефикасни направиме повеќе од 3% од јавните објекти.
Приоритетите биле дефинирани за првиот бран од претходната влада, сега ние ги дефинираме за вториот бран и Клинички центар ќе биде тој приоритет, се разбира. И продолжуваме и понатаму да работиме во делот на соодветна локација и преговори со приватни сопственици за таа локација да изградиме еден нов голем клинички центар“, посочи Мицкоски.
Како што рече, проблеми има, бидејќи истите се таложеле со децении, но добро е, како што нагласи, што не се создаваат нови.
Премиерот изрази и благодарност за трпението на пациентите.
„Затоа што, сепак е потребно време сите овие проекти кои што со децении не биле би рекол ниту во оптиката на било кое претходно раководство, сега бидат реконструирани и пуштени во употреба.
Така што еве, продолжуваме и во периодот кој што следи заедно со министерот, заедно со директорот на Фондот, заедно за директорите по болниците, со вработените, со лекарите, со медицинскиот персонал да го дадеме максимумот од тоа кое што можеме и го имаме на располагање“.












