Царинската управа на Македонија и на Хрватска потпишаа Меморандум за соработка кој го зајакнува партнерството помеѓу двете институции и ги унапредува евроинтегративните процеси, забрзувајќи ги царинските процедури и подобрувајќи ја безбедноста и економската трговија на Западен Балкан.
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Царинска управа на Република Хрватска, Марио Демировиќ, потпишаа Меморандум за соработка со којшто двете институции ја зајакнуваат меѓуинституционалната соработка. Со овој чекор испишуваме ново поглавје во економските врски и јасно ја потврдуваме нашата посветеност во евроинтегративните процеси и продлабочување на соработката во области што се од суштинско значење за забрзување на економскиот раст и зајакнување на безбедноста на меѓународно ниво.
Директорот Бобан Николовски вели дека Меморандумот се потпишува во период кога спроведуваме значајни реформски политики за забрзана интеграција во ЕУ, при што искуството кое го има Царинската управа на Република Хрватска во овој дел е непроценливо и ќе ни помогне да го изодиме овој пат на начин што ќе овозможи ефикасен преод кон целосна интеграција во европскиот царински систем.

„Во рамките на земјите кандидати од Западен Балкан, сакаме Македонија да биде препознаена како предводник во модернизацијата на царинското работење, дигитализацијата и примената на европските стандарди. Не само декларативно, туку преку конкретни резултати. Затоа ќе учиме од хрватското искуство, ќе ги прифаќаме најдобрите практики и ќе ги прилагодуваме на нашите услови. Но, ова не е еднонасочна соработка. Од македонска страна, нашето искуство со регионалните трговски текови и нашата улога во поврзувањето на пазарите во Западен Балкан се дополнителна вредност за заедничката борба против прекуграничниот криминал и за олеснување на легалната трговија. Затоа денес не зборуваме само за размена на искуства. Зборуваме за партнерство од кое двете страни треба да имаат конкретна корист. Хрватска добива посилен и посигурен партнер во регионот. Македонија добива знаење, искуство и поддршка на својот пат кон ЕУ. Нашите компании добиваат подобри услови за трговија. А нашите граѓани добиваат нешто што е крајната цел на секоја добра реформа, институции кои работат побрзо, поефикасно и побезбедно. Затоа верувам дека денешниот Меморандум нема да остане само документ. Ќе го мериме по тоа колку побрзо решаваме проблеми, колку помалку се чека на границите, колку повеќе шверц ќе откриваме и колку побрзо ќе ги приближуваме нашите царински процедури до европските. Нашата цел е границата да биде место каде што се проверува безбедноста, а не место каде што се губи времето“, вели Николовски.
Директорот на Царинската управа на Република Хрватска, Марио Демировиќ, истакна дека целта на стратешката соработка која се воспоставува со потпишување на Меморандумот е поефикасно сузбивање на незаконските дејствија и забрзување и поедноставување на царинските процедури за македонските економски субјекти.

„Министерството за финансии, Царинската управа на Република Хрватска, донесе одлука за стратешка соработка со македонската Царинска управа која главно е насочена кон соработката со стопанството. Целта на нашата стратешка соработка, освен поефикасно сузбивање на незаконските дејствија и зајакнување на оперативната соработка во надзорот на прекуграничната трговија на стоки, во значителна мера е и забрзување и поедноставување на царинските процедури за македонските економски субјекти. Дополнително, цел на соработката е и пренос на сите информации и податоци од доменот на законодавството и практиката во Европската Унија од царинска надлежност, како и на информатичката технологија во царинското подрачје, со цел зајакнување на ефективната соработка и врските меѓу двете држави“, истакна Демировиќ.
















