Контролирано судство под Мицкоски ги ослободува виновниците за Кочани велат од СДСМ

Макфакс

11/09/2026

10:00

98

Големина на фонт

а а а

Во соопштението од СДСМ се обвинува власта под Мицкоски дека контролира судство кое ги ослободува виновниците за трагедијата во Кочани, оставајќи ги жртвите и нивните семејства без правда и одговори.

„Газда Деко и речиси сите обвинети за Пулс се на слобода. Родителите порачаа дека правдата не смее да истече. А што прави власта на Мицкоски? Две и пол години ја контролираат полицијата. Две и пол години ги контролираат обвинителствата. Две и пол години ги контролираат судовите. И каков е резултатот“, прашува СДСМ.

„Виновниците за трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 млади животи а 193 беа повредени, излегуваат на слобода. Ова е контролирано судство што ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговор, без правда.

Како што Мицкоски рече дека ќе се повлече од политиката ако се докаже дека обезбедувањето во Пулс има врска со ВМРО, така и сè што ветил и кажал е лага.

Човек кој кога ќе прозбори – лаже. Додека Мицкоски зборува за „талог“ и „елита“, додека седи до државниот обвинител и испраќа закани, родителите на загинатите во Кочани повторно гледаат како правдата се топи.

Го ослободуваат Латас. Го ослободуваат Груевски. Си го враќаат имотот стекнат преку криминал. Ги ослободуваат одговорност телохранителите кои тепаат жени. Ги ослободуваат од одговорност царината и полицијата за 5 тони дрога. Ги ослободуваат градоначалниците…

Така изгледа правдата со Мицкоски. СДСМ стои со семејствата на жртвите. Бараме целосна и неселективна одговорност. Бараме правда што нема да истече. Под оваа власт, правдата е заробена. Под оваа власт, виновниците шетаат слободно. Под оваа власт, жртвите остануваат без одговори“, се наведува во соопштението на СДСМ.