СДСМ: 58 случаи на западнонилска треска и прв во Свети Николе, 8 починати, хаосот продолжува

Макфакс

10/09/2026

11:10

99

Големина на фонт

а а а

Во Македонија се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска со прв случај во Свети Николе, додека бројот на починати достигна осум. Опозициската партија СДСМ предупредува дека власта задоцнила со превенцијата и справувањето со кризата, што доведува до институционален хаос и сериозни последици по здравјето на граѓаните.

Во Македонија веќе се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, прв случај има во Свети Николе, истакнуваат од СДСМ.

Од опозициската партија предупредуваат дека бројот на заболени расте, а бројот на починати достигна осум.

„Не се ова само статистички бројки – ова се човечки животи.

Клековски и Мицкоски не менаџираат со здравствената криза од западнонилска треска.

СДСМ со недели предупредуваше дека власта задоцни со превенцијата од западнонилската треска.

Задоцни со прскањето против комарци, задоцни со системските мерки и со навремената заштита на граѓаните“.

Владата, додаваат од СДСМ, нема капацитет навремено да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира откако кризата ќе ескалира.

„Истиот модел на задоцнета реакција, институционален хаос и молк го гледаме и со здравствената криза во Гостивар.

Околу 5.000 граѓани побараа медицинска помош, а осум недели подоцна јавноста сè уште го нема целосниот извештај за водата.

Прво се молчи, потоа институциите задоцнуваат, а на крај граѓаните ги плаќаат последиците.

Осум жртви од западнонилска треска и осум недели без целосен извештај за водата во Гостивар.

Две здравствени кризи, ист модел на однесување – задоцнета реакција, недоволна превенција, институционален хаос, молк и никаква одговорност.

Цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните – со своето здравје, а за жал и со своите животи“.