Од сабота дневната температура ќе биде во значително опаѓање
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, прогнозира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Температурите ќе бидат високи, а максимумот од 35 Целзиусови степени е прогнозиран за Велес и Демир Капија. Во Скопје се очекува највисоката дневна температура да биде еден степен пониска.
Во попладневните часови ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
В петок времето ќе биде сончево и топло, а во деновите од викендот под влијание на циклонска активност ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, вели УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни, проследени со грмежи и засилен северен ветер. Од сабота дневната температура ќе биде во значително опаѓање.








