Пред 80 години била ослободена од Аушвиц, а сега предупредува на новиот подем на крајната десница: „Се плашиме. Знаеме што се случува“

Точка

09/09/2026

16:24

199

Големина на фонт

а а а

Ева Умлауф имала две години кога таа и нејзината мајка во јануари 1945 година биле ослободени од нацистичкиот логор на смртта Аушвиц. Таа вели дека е ужасната од фактот што повеќе од 80 години подоцна крајната десница повторно е во подем во Германија.

Победата на партијата Алтернатива за Германија (АфД) во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт во неделата ја доведе крајнодесничарската партија на чекор до власта во една германска сојузна покраина, за првпат по завршувањето на Втората светска војна.

„Што да кажам? Го очекував ова, а сепак сум ужасната“, изјавила таа во интервју за „Ројтерс“.

„Ужасната сум, тажна; не знам што ги тера луѓето да гласаат за оваа партија“, додала таа.


Умлауф, педијатарка и психотерапевтка родена во Словачка, која живее во Минхен, посетува училишта за да ги едуцира децата за Холокаустот, а воедно е и претседателка на Меѓународниот комитет за Аушвиц.

Нејзините коментари ја одразуваат загриженоста што во последните месеци ја изразија бројни претставници на малцинските групи, додека анкетите укажуваа на зајакнување на крајната десница во Саксонија-Анхалт, како и во Берлин и во источната сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија, каде што изборите ќе се одржат на 20 септември.

„Се плашиме. Знаеме што се случува – што им се случува на малцинствата, што им се случува на странците“, истакнала таа.


АфД, основана како евроскептична партија за време на кризата во еврозоната во 2013 година, ги отфрла споредбите со нацистичката партија, одговорна за Холокаустот во кој беа убиени околу шест милиони Евреи, како и Роми и Синти, хомосексуалци и припадници на други групи.

Партијата сака да ја ограничи имиграцијата, особено од земјите што ги смета за „културно туѓи“ на Германија, да го напушти еврото и да ги обнови односите со Русија со цел да се намалат цените на енергијата.


Таа тврди дека нејзините политики одразуваат здраворазумски идеи што ги споделуваат милиони Германци и негира дека е антисемитска.

Наместо тоа, партијата ги обвинува етаблираните партии дека користат такви обвинувања за да ја замолчат опозицијата.

Меѓутоа, противниците ја обвинуваат партијата дека го минимизира значењето на нацистичкото минато на Германија, посочувајќи на коментар на еден од нејзините лидери од 2018 година, кој тој период го опишал како „само птичји измет во 1.000 години успешна германска историја“.


Централниот совет на Евреите во Германија, главната еврејска организација во земјата, исто така ја смета АфД за „партија во која антисемитите и крајнодесничарските екстремисти го пронашле својот дом“.

Покраинскиот огранок на АфД во Саксонија-Анхалт е класифициран како крајнодесничарска екстремистичка организација од страна на локалната Канцеларија за заштита на Уставот, германската служба за внатрешна безбедност. Самата АфД ја отфрла оваа класификација како политички мотивирана.


Неделните избори во Саксонија-Анхалт се одржаа во период на зголемена вознемиреност меѓу многу Евреи во Европа, каде што е забележан нагол пораст на антисемитските напади и инциденти по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователната израелска воена кампања во Газа.

Левичарските партии и нивните поддржувачи исто така беа обвинувани за поттикнување антисемитизам, но АфД е под сè поголема лупа како што растеше нејзината поддршка во анкетите.


Нејзината изборна програма предлага „патриотска културна политика“, со која наставата по историја во училиштата би била помалку насочена кон нацистичкиот период, а повеќе кон личности како „железниот канцелар“ од 19 век, Ото фон Бизмарк.

Исто така, повторно би биле поставени споменици на германските војници загинати во двете светски војни.

Ваквите приоритети ги вознемирија критичарите, кои велат дека тие ја одразуваат желбата да се заборават повеќедецениските напори на Германија да се соочи со своето минато и со злосторствата од нацистичкиот период.


Сепак, Умлауф рекла дека не верува оти ставовите на оваа партија ги дели мнозинството Германци:

„Ако ја земете предвид цела Германија, АфД во просек ја поддржуваат 30 отсто од гласачите. И верувам, и се надевам, дека тоа всушност ќе ги мобилизира преостанатите 70 проценти“, заклучила таа.