„Бог на колежот“ на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Макфакс

09/09/2026

11:40

67

Големина на фонт

а а а

Наградуваната театарска претстава „Бог на колежот“ ќе биде изведена на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, нудејќи провокативна приказна за човековата природа и општествените вредности.

Наградуваната копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, по освоеното Гран при на „Денови на комедија“ пристигнува пред струмичката публика.

На 9 септември, со почеток во 19.30 часот, во рамките на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Бог на колежот“ – провокативна театарска приказна што отвора низа прашања и создава силен емотивен набој.

Работена по мотивите на светски познатата драма „Бог на масакрот“ (God of Carnage) од Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска, претставата ги отвора прашањата за ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности.

Преку судирот на две семејства, претставата нуди 90 минути интензивно и бескомпромисно театарско искуство.

Во актерската екипа се Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов и Наталија Теодосиева, заедно со младите таленти од актерската школа на Весна Петрушевска.

Претставата во Струмица доаѓа со потврден успех. Таа ја освои Гран при наградата за најдобра претстава на 28. МТФ „Денови на комедија“ во Куманово, а Ѓорѓи Јолевски, првенец на МНТ, ја доби наградата за најдобар актер.

Фестивалот „Ристо Шишков“ ќе се одржи од 8 до 13 септември, а гостувањето на „Бог на колежот“ на 9 септември се очекува да биде во фокусот на фестивалската вечер.