„Зелени идеи“ бара нови импакт-бизниси, пријавувањето трае уште една недела

Макфакс

09/09/2026

11:20

81

Големина на фонт

а а а

Здружението АРНО потсетува дека националниот натпревар „Зелени идеи“ за импакт-бизниси кои придонесуваат за заштита на животната средина и локалните заедници е во тек, а пријавувањето трае уште една недела. Натпреварот има за цел да ја поддржи развојната регија со мерливи влијанија и нуди финансиски награди за најдобрите тимови.

Здружението „АРНО“ потсетува дека остануваат уште седум дена до затворањето на националниот натпревар „Зелени идеи“, на кој можат да аплицираат постоечки импакт-бизниси или тимови со идеи кои прават добро за животната средина и локалните заедници. Аплицирањето е преку официјалниот линк, најдоцна до 16 септември. Во 2026 година, националниот натпревар се одвива целосно онлајн и на англиски јазик.

Критериуми за пријавување

„Критериумите се исти со мали промени кои се објаснети детално во самиот повик, но годинава нагласуваме фокус на мерливите импакт-индикатори. Имплементирајќи го проектот „Инвестираме во промени“, АРНО апелира пријавите да содржат не само податоци за активностите, туку и индикатори за нивниот импакт. Трендот во светот е да се инвестира во бизниси кои можат да ги мерат промените што ги прават, но и идеи кои можат да растат апсорбирајќи и капитал од инвеститори, а не само грантови. Повикот во 2026-та е насочен на оние кои се сериозни и потенцијалната регионална победа би им донела ветер во грбот“ – истакнуваат од организацијата.

Регионален натпревар и награди

„Зелени идеи од Балканот“ (Balkan Green Ideas) претставува традиционален годишен натпревар кој 15 години ги поддржува зелените иницијативи во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, овозможувајќи им на најдобрите тројца претставници од секоја земја да се натпреваруваат во две категории за грантови од 5.000 или 10.000 долари. Вкупниот фонд за регионални награди во 2026 година изнесува 20.000 американски долари.

Досегашни постигнувања на македонските учесници

Како организатор на натпреварот од 2015 година, АРНО потсетува дека македонските учесници досега имаат освоено 12 регионални признанија за иновативните импакт-бизниси. Меѓу нив се пионерската кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“, стартапот за редизајн на стар мебел „СПИН“, креативните еко-илузии на Кристијан Шопов, платформата за продажба на непродадени оброци „Храна за сите“, одржливото производство на ориз на задругата „Оризова братимка“, мобилната апликација за пешачење „Challenger“, иновативниот прехранбен адитив од комиње „Вајс адитив“, ароматизерите и есенцијалните масла од портокалови кори „О-круг“, пионерската „Инсект пилот соба“ за протеинска храна за миленици добиена од ларви од муви, уникатни модни шапки од текстилни остатоци на Мирјана Јософоска, преносливиот шпорет за готвење во природа „MobiStove“, како и минатогодишниот победнички тим со природната крема за пилинг од искористено кафе „LoaNaturals“.