Двајца вработени во ЈП Комунална хигиена во Скопје се повредени во два одделни случаи на истата вечер, еден од нив со тешки телесни повреди, додека извршувале работни задачи.
Двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје се здобиле со повреди додека извршувале работни задачи во два одделни случаи во Скопје, информира МВР.
Во првиот случај, од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во полицијата било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен Ф.Ф. (44) од Скопје.
Според пријавеното, 44-годишникот се здобил со повредите во централното подрачје на Скопје додека извршувал работни задачи во ЈП „Комунална хигиена“.
Eден час подоцна во СВР Скопје бил пријавен уште еден случај. Б.А. (58) од Скопје, вработен како возач на камион во претпријатието, пријавил дека околу 22:30 часот на подрачјето на Чаир, додека извршувал работни задачи, се здобил со повреди.
Тој потоа се упатил во болницата „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
Од МВР не се наведуваат околностите под кои двајцата работници се здобиле со повредите. Полицијата презема мерки за расчистување на двата случаи.








