Армиски хеликоптер и ер трактори на ДЗС се вклучија во гаснењето на активниот пожар кај границата со Косово. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изрази голема благодарност кон пилотите и техничкиот персонал за нивната воздушна и земјена поддршка на пожарникарите.
Армискиот хеликоптер полни вода од вливот на реката Лепенец во Вардар и учествува во гаснењето на пожарот кај границата со Косово, кој е активен од 2 септември.
„Голема благодарност до храбрите армиски и полициски пилоти како и пилотите на ‘ер тракторите’ на ДЗС кои утрово даваат силна воздушна подршка на скопските пожарникари и Огнените тимови со пинцгауери на ДЗС“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Сите заедно дејствуваат врз големиот пожар кај село Грачани кој е активен и од македонска и од косовска страна.
Ангелов информира дека во гаснењето на овој пожар пред малку се приклучиле и два „ер трактора“ на ДЗС.
„Посебно голема благодарност до воздухопловно техничкиот персонал без чија подршка на земја ќе биде невозможно дејството на хеликоптерите и ер тракторите“, вели Ангелов.








