Ден исполнет со радост и емоции на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК). По цели 82 дена поминати на одделот за интензивна нега (ОИНТ), малата Бисера ја извојува својата најголема победа – доволно зајакна и конечно си заминува дома, во прегратките на своите родители.
Бисера се родила во 27-та гестациска недела, со телесна тежина од само 960 грама. Од првиот ден, како што велат од ГАК, таа покажала неверојатна борбеност и сила, минувајќи низ денови исполнети со неизвесност, но и со мали победи кои за медицинскиот тим значеле многу.
Секој нејзин самостоен здив, секое отчукување на срцето и секој дополнителен грам биле причина за надеж и радост. Во текот на 82-те дена, тимот на ОИНТ внимателно ја следел нејзината состојба и со посветеност ѝ помагал да ги надмине предизвиците што ги носи предвременото раѓање.
Од ГАК ја опишуваат Бисера како своја мала хероина и дневна инспирација.
„Бисера уште од својот прв ден покажа што значи да се бориш без збор, а да кажеш сè. Со секој изминат ден, со секое отчукување на срцето и секој самостоен здив, таа ни одржа лекција за храброст, за волја и за животна сила . Таа не беше само пациент — таа беше нашата мала хероина, нашата дневна инспирација и потсетник зошто оваа професија е толку света.
Секој монитор што чукаше во нејзиниот ритам, секоја промена на нејзиниот апарат, секоја непреспана ноќ и секој нежен допир преку инкубаторот беа дел од една невидлива, но нераскинлива врска. Во овие 82 дена, целиот тим дишеше во ист ритам со неа помагајќи и да ги надмине сите препреки. Ги броевме нејзините грамови како најголемо богатство, ја чувавме секоја нејзина мала победа и со страв и надеж чекавме да дојде токму овој ден.

До нејзините родители: ви честитаме на несекојдневната трпеливост, тишината која ја носевте со толку достоинство и вербата која ниту за момент не ја изгубивте. Вие бевте нејзиниот најсилен столб, а таа вашата најголема светлина.
Драга мала Бисера,
Сега кога си ги пакуваш невидливите крилја со кои ги прелета сите пречки, ти посакуваме дома да те дочекаат само смеа, топлина, безгрижни денови и прегратки кои никогаш не завршуваат. Расти здрава, жива и среќна, сјај силно и никогаш не заборавај дека уште од првите денови на овој свет покажа дека си вистински победник.

Денес ОИНТ испраќа еден мал дел од своето срце дома.
Среќен пат кон новиот почеток, мила Бисера!“, стои во Фејсбук објавата на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.












