Иако го следел глас дека е голем заводник, Јосип Броз до последниот ден ја сакал својата Јованка, а за нивната љубов се пишува и ден-денес. Сепак, малкумина знаат како маршалот ја запросил својата сакана Личанка.
„Мојот живот беше тежок, исполнет со стресови, лични загуби, секакви неволји и чувствувам дека со тебе конечно би обезбедил спокојство и среќа“, биле зборовите со кои Тито ја запросил Личанката Јованка Будисављевиќ, подоцна Броз.
Иако дотогаш пет години биле во тајна врска, Јованка останала затекната. Со години никому не ја отворала душата ниту откривала како маршалот ѝ го ставил прстенот на рака.

На почетокот разликата во годините ѝ била проблем
Еднаш му се доверила на најдолговечниот Титов советник Блаже Мандиќ, кој во својата книга „S Titom“ детално го опишал запросувањето на најпознатиот југословенски пар. За односот со Тито знаела да разговара и со неговиот личен лекар, д-р Александар Матуновиќ.
„Излишно е да се зборува колку бев изненадена и збунета? Па, јас бев девојка од средина со патријархални сфаќања. Мене најнапред разликата во годините ми ја исклучуваше помислата на таква врска. Освен тоа, бев – нема да биде нескромно ако го кажам тоа – привлечна по изглед и имав повеќе додворувачи“, му рекла Јованка.

Тито со прашањето толку ја соборил од нозе што повеќе и самата не се сеќавала што ѝ минувало низ глава во тие моменти.
„Но, не, не. Не се помирив јас брзо со тоа и не се предадов лесно. Тоа потраја. Сепак, близината и времето, а секако и мојата опчинетост со неговата личност, го направија своето. И по некое време започна нашата врска“, зборувала Јованка.
Никогаш не зажалила што му рекла „да“ на најпознатиот Југословен
Цели 32 години, колку што била помлада од својот сопруг, според зборовите на Јованка, не претставувале пречка. Му читала Шантиќ, Радиќевиќ... Згора на тоа, токму првата дама на Југославија со својата интимна исповед на многумина им ги отворила очите и им ги затворила устите на оние што ја озборувале дека „се омажила за старец кој ништо не може“.

„Разликата во годините беше голема, но јас не ја чувствував. Тито беше полн со енергија, витален“, рекла таа и истакнала дека пресудната блискост се случила по Титовата операција на кила во 1947 година, на Брдо кај Крањ.
„Операцијата не помина лесно. Во еден момент сериозно се искомплицира“, раскажувала Јованка, која во тие денови не се одвојувала од неговата постела. Му читала, како што рекла, најубави епски песни. Многу од нив ги знаела и напамет, па му рецитирала стихови од Алекса Шантиќ и Бранко Радиќевиќ.
Уживал слушајќи ја Јованка
„Нему тоа му беше непознато, бидејќи потекнуваше и растеше во друга средина“, рекла таа, опишувајќи како уште како млад се отиснал во светот, најнапред во поблиските европски земји, за потоа како ранет и заробеник да стигне во Русија и по сплет на околностите таму подолго време да остане. Многу му се допаднало наследството што му го пренесувала Личанката.

„Имав впечаток дека ужива додека ме слуша“, зборувала Јованка.
Само три години подоцна Тито повторно се разболел. Овој пат го мачело воспаление на жолчката. Јованка и тогаш не се одвојувала од неговата постела, само што тоа помалку го криеле од јавноста.
Бравар каков што светот не видел
Во април 1952 година објавиле дека се во брак. Титовиот личен лекар, д-р Александар Матуновиќ, во својата книга „Jovanka Broz Titova savladarka“ ја опишал четвртата сопруга на Тито како амбициозна жена која сакала да го наследи Тито. По неговата смрт, Матуновиќ рекол за маршалот дека бил „бравар каков што светот не видел“.

Тито на 60 години бил повитален од кој било млад човек, му се пофалила Јованка. Во една прилика поранешниот претседател на СФРЈ детално му објаснил на Матуновиќ зошто не можел да им одолее на жените:
„Младоста е бујна и раскошна, таа е пролет на животот, полна со хормони како растението со сокови. Младоста е волшебно и креативно доба. Младото тело е цврсто, стегнато, полно со топлина и животна енергија. Очите на младите лица се полни со љубопитност, жар и страст. Кожата на младите жени е кадифена, мека и влажна. Потта на девојките и младите жени има опоен мирис и сладникав вкус. Таа е најсилниот природен афродизијак кој делува преку сетилата за мирис и вкус, а засилено се лачи во моменти на емоционална возбуда“, зборувал Тито со Матуновиќ.

На Јованка ѝ недостигало образование за Титова сопруга
На 17 години Јованка стапила во партизани, поминала воена обука и била одличен стрелец. Дури двапати била ранувана. Својот сопруг првпат го видела во Дарувар. Дошла на местото на негова секретарка и влегувала во калапот на жените што Тито со задоволство ги имал за љубовници. За Титова сопруга ѝ недостигало образование. Покрај него можела да опстане само образована жена, која знаела да разговара за уметноста, историјата исто колку и за козметиката. Јованка повеќе знаела за калибрите на пушките отколку за високата мода. Била млада борка, а истовремено се грижела за помладите сестри Зора и Нада, кои своевремено ги извлекла од домовите за воени сирачиња во Винковци и Оточац.

Тие не ја заборавиле нејзината жртва и биле единствените кои останале покрај неа кога по Титовата смрт светот ѝ свртел грб. Блиската соработка меѓу Тито и Јованка резултирала со брак. Тајно се венчале во април 1952 година, а на нивната венчавка кумувале Александар Ранковиќ и Иван Гошњак. Во замокот Дунава кај Илoк прославиле со ручек. Но, од овој историски настан нема ниту една фотографија. Тоа само покажува колку се криеле од очите на јавноста.
Школување
Јованка тогаш имала 28 години, а Тито 60. Објавата за нивниот брак веднаш ги освоила медиумите. Во Рим и Опатија учела за протоколарните средби. Неговата Личанка ја опишувале како заносна бринета, со крупни очи и бујна коса. Според својот изглед, Јованка му била идеална партнерка.
Недостигот од образование морала брзо да го надомести по венчавката. Така, Јованка учела како треба да се однесува на протоколарни средби и како да се облекува. За неа дури од Русија дошла професорка која ја учела руски јазик, а паралелно учела француски и англиски. Набрзо Јованка од војник се преобразила во елегантна жена.

Таа станала прва дама во секоја смисла на зборот. Во целосната преобразба ѝ помагале сопругите на високите југословенски раководители, како Вера Велебит, Пепца Кардељ, Милица Вукмановиќ, Славка Ранковиќ, Пјера Поповиќ и Лепа Поповиќ. Својата способност и природна надареност ги искористила како најсилно оружје за впивање знаење, бидејќи имала високи амбиции.
Тито и Јованка беа во брак 28 години, сè до 1980 година, кога смртта го раздели маршалот од сопругата, за кого тагуваше цела Југославија.











