[ФОТО] Маврово во центарот на светскиот спортски риболов: Свечено отворено Светското првенство во лов на крап

Точка

01/09/2026

21:36

118

Големина на фонт

а а а

Вечерва во Маврово свечено беше отворено 26. Светско првенство во лов на крап – Маврово 2026, голем меѓународен спортски настан кој од 2 до 5 септември 2026 година ќе се одржува на Мавровското Езеро и ќе го стави Националниот Парк Маврово во центарот на вниманието на светската риболовна јавност.

Како што информираа од Национален парк Маврово на првенството учествуваат 33 држави со 99 тимови, кои во Маврово ќе ги одмерат своите знаења, тактика, издржливост и спортско мајсторство во една од најатрактивните дисциплини на спортскиот риболов.

Свечената церемонија на отворањето помина во знакот на спортот, пријателството и меѓународното единство. Беа претставени и поздравени сите учеснички екипи, а со интонирањето на химните на земјите учеснички беше испратена силна порака дека спортот ги поврзува луѓето без оглед на границите.


Пред присутните се обратија директорот на ЈУ Национален парк „Маврово“, Харис Ибраими, претседателот на Македонската риболовна федерација, Филип Серафимовиќ, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, како и претседателот на Меѓународната федерација за спортски риболов во слатки води (FIPSed) и претседател на Меѓународната конфедерација за спортски риболов (CIPS), Claudio Ugo Matteoli.

Во своето обраќање, директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими, истакна дека за Националниот парк претставува особена чест што токму НП Маврово и Мавровското Езеро е домаќин на светскиот шампионат, нагласувајќи дека спортот, природата и човекот можат да создадат заедничка приказна.

Тој посочи дека ваквите меѓународни настани се значајна можност Маврово и природните вредности на Националниот парк да бидат претставени пред светот, но истовремено ја нагласи и одговорноста за нивно зачувување.

„Заштитата на природата и развојот на спортот, туризмот и рекреацијата можат и мораат да одат заедно“, беше една од клучните пораки од неговото обраќање.

На учесниците директорот им посака успешен натпревар, фер-плеј, спортски дух и убави спомени од Маврово, со порака:

„Нека победи најдобриот, но нека победат и спортот, природата и пријателството меѓу луѓето.“

Со свеченото отворање, Маврово официјално ја започнува својата улога како домаќин на едно од најзначајните светски натпреварувања во спортскиот риболов.