Зошто е толку тешко да се регулираат социјалните мрежи?

Точка

01/09/2026

08:21

310

Големина на фонт

а а а

„Meta“ и другите платформи за социјални мрежи се обвинети дека преку своите алгоритми создаваат зависност кај корисниците.

Зависност, самоповредување, самоубиство: социјалните мрежи, чија стратегија е насочена кон интеракција со корисниците, се соочуваат со масовни критики. Обвинети се дека поттикнуваат зависност од користењето на мрежите и предизвикуваат сериозни психички последици, особено кај децата.

Држејќи ги корисниците „приковани“ за екраните преку бесконечно прелистување содржини, препораки и постојани известувања, платформите како „Facebook“, „YouTube“ и „TikTok“ остваруваат огромни профити.

Така, „Meta“, сопственикот на „Facebook“, минатата година забележа рекордни приходи од рекламирање во износ од 196,2 милијарди американски долари (168,3 милијарди евра) – сето тоа благодарение на способноста да ги задржи корисниците пред екраните.

Но, овој деловен модел денес се соочува со големи правни и регулаторни пречки. Сè повеќе земји им забрануваат користење на социјалните мрежи на лицата помлади од 16 години, а особено во САД расте бројот на тужби против технолошките компании.

Во најновиот голем правен спор, 29 американски сојузни држави, меѓу кои Калифорнија, Колорадо и Њу Џерси, на почетокот на месецот поднесоа тужба против „Meta“. На компанијата ѝ се забележува дека намерно ги дизајнирала своите платформи на начин што младите корисници би станале зависни од нив.

Во спогодбата која јавно беше објавена минатата среда, „Meta“ се согласи да плати до 18 милијарди американски долари (15,5 милијарди евра) за 47 сојузни држави, Дистриктот Колумбија и американските територии (подрачја под контрола на владата на САД, но кои немаат статус на сојузна држава, заб. ред.). Со државата Тексас компанијата склучи посебна спогодба во вредност од една милијарда американски долари (0,86 милијарди евра). Покрај тоа, се согласи да воведе ограничувања на времето на користење и ноќни блокади за малолетните корисници.


Регулацијата „заостанува“ зад технологијата

Владите ширум светот во последните години ги заострија правилата, но на законодавците им е тешко да го следат брзиот развој на технологијата.

Повеќе обемни студии утврдија поврзаност меѓу користењето на социјалните мрежи кај тинејџерите и зголемената појава на анксиозност, депресија, како и незадоволство од сопственото тело. И истражувачите на самата компанија ја препознале поврзаноста меѓу користењето на „Instagram“ и проблематичната слика за сопственото тело, како и менталното здравје кај некои девојки во тинејџерска возраст, што го потврдуваат документите на „Meta“ кои излегоа во јавноста во 2021 година.

Според податоците на компанијата „Sensor Tower“, која се занимава со истражување на пазарот, американските тинејџери во 2025 година поминувале околу 90 минути дневно прегледувајќи „TikTok“. Тестирањата на организации како „Amnesty International“ во 2023 година покажаа дека алгоритмите на оваа платформа, во одредени случаи, на корисниците кои пребаруваат содржини поврзани со менталното здравје им препорачуваат и видеоснимки за депресија и самоповредување.

„Компаниите од оваа големина, кои имаат толку големо влијание врз животите на луѓето, мора да ги исполнуваат основните безбедносни стандарди“, вели за „DW“ Камил Карлтон, директорка на секторот за стратегија во организацијата „Center for Humane Technology“.

„Таа идеја не е радикална“, вели таа. „Тоа е истиот стандард што го применуваме за други производи, како автомобилите, лековите и детските играчки.“


Поголема заштита за децата

По повеќегодишната блокада, во САД меѓу демократите и републиканците расте поддршката за построги правила со кои децата, преку законот за заштита на децата на интернет „KOSA“, би биле заштитени од опасностите на социјалните мрежи.

Предлог-законот предвидува за малолетниците автоматски да важат најстрогите безбедносни поставки. Со тоа родителите би добиле повеќе можности за надзор на интернет-профилите на своите деца.

„Технологијата се развива толку брзо, а доказите дека предизвикува штета се натрупуваат со таква брзина, што сум многу оптимист дека во текот на следниот состав на Конгресот ќе биде усвоен важен закон“, изјави социјалниот психолог Џонатан Хајт, автор на книгата „Генерација на анксиозноста“, во еден политички поткаст.

Законот би можел прецизно да дефинира до кој степен технолошките гиганти се должни да ги предвидат можните штети и да развијат соодветни функции за нивно спречување. Но, Карлтон исто така се залага производите на социјалните мрежи да подлежат на американските прописи за заштита на потрошувачите и одговорност за производите.


Какви шанси би имале алтернативите?

Во Германија, Корнелија Зиндерман, професорка по психологија на Универзитетот Шарлот Фрезениус во Хајделберг, ги истражувала ставовите на корисниците кон алтернативните модели на социјални мрежи. Меѓу нив се моделите засновани исклучиво на претплата, без рекламирање, кои „Meta“ ги тестира за „Facebook“ и „Instagram“ во 27-те земји членки на ЕУ и Обединетото Кралство.

Во својата студија од 2024 година, Зиндерман утврдила дека повеќе од половина од возрасните и две третини од младите би биле подготвени да плаќаат за некаков вид јавен сервис на социјалните мрежи, со многу построги безбедносни стандарди, на пример соодветна верзија на „Facebook“.

Иако платформите за социјални мрежи би можеле „одново да осмислат делови од својот деловен модел и да отворат дополнителни извори на приходи“, Зиндерман се сомнева дека таквите алтернативи би можеле да ги заменат најпопуларните социјални мрежи.


Инвестициите во вештачка интелигенција дополнително ја отежнуваат регулацијата

Законодавците се соочуваат со уште еден проблем: токму платформите за социјални мрежи што ги користат милијарди луѓе инвестираат стотици милијарди американски долари во престижни проекти за вештачка интелигенција.

Некои набљудувачи истакнуваат дека податоците собрани преку социјалните мрежи овозможуваат вреден увид во реалното однесување на корисниците, што е од голема корист за развојот на вештачката интелигенција.

Технолошките гиганти стануваат сè помоќни, а нивните нови проекти за вештачка интелигенција се покажуваат подеднакво тешки за регулирање како и социјалните мрежи. Експертите сè почесто изразуваат загриженост дека токму проблематичните практики што ги обликуваа социјалните мрежи сега се „вградуваат“ во значително помоќни производи со вештачка интелигенција.

Додека социјалните мрежи се натпреваруваат околу тоа кој ќе го освои нашето внимание, вештачката интелигенција денес веќе е способна да влијае врз човечкото размислување, однесување и односи на начини кои е тешко дури и да се замислат, смета Карлтон.