Град Скопје го изгласа новиот ребаланс на буџетот со кој се предвидени големи капитални инвестиции, меѓу кои нов мост и кружен тек во Сарај, нов влез во градот, како и зголемување на поддршката за граѓаните. Заменик-градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна значително намалување на обврските и вложување во инфраструктура и култура.
Изгласан е новиот ребаланс на буџетот – нов мост и кружен тек во Сарај, нов влез на Скопје, нови улици и уште многу други проекти, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Повеќе капитални инвестиции, поголема поддршка за граѓаните и историско намалување на обврските – тоа се резултатите од одговорното и домаќинско управување со Град Скопје. Со ребалансот го зголемуваме Буџетот за дополнителни 61,76 милиони денари, со што основниот Буџет на Град Скопје достигнува рекордни 5.324.649.755 денари“, рече тој.
Ѓорѓиевски истакна дека тоа е резултат на остварените заштеди, финансиската дисциплина и кратењето на непродуктивните трошоци.
Со ребалансот се обезбедени 61 милион денари за Европската престолнина на културата – Скопје 2028, нов капитален проект за изградба на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во Скопје, за што во Развојната програма се предвидени 420 милиони денари.
Предвидени се дополнителни средства за онколошките пациенти, за нови клупи и столчиња, ИТ-опрема, училишни кабинети, игралишта и фитнес-зони, како и средства за ски-викенд за средношколците по успешната реализација на бесплатниот летен камп.
Предвидени се и нови 25 милиони денари за реконструкција на помалите улици во скопските општини и 10 милиони денари за чистење на депониите.
Истовремено, рече Ѓорѓиевски, додека ги зголемуваме Буџетот и инвестициите, ги намалуваме наследените обврски.
„За само девет месеци, вкупните обврски на Град Скопје, јавните претпријатија, културните установи и средните училишта ги намаливме за 60,2 милиони евра. Заклучно со 27 август 2026 година, Град Скопје ги намали тековните обврски за 322,1 милион денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности“, рече градоначалникот.
Ѓорѓиевски кажа и дека обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија:
„’Водовод и канализација’ – за 1,66 милијарди денари, ЈСП ‘Скопје’ – за 634,9 милиони денари, ‘Комунална хигиена’ – за 122 милиони денари, ‘Паркови и зеленило’ – за 113,9 милиони денари, ‘Градски паркинг’ – за 52,9 милиони денари, ‘Улици и патишта’ – за 31,9 милиони денари“, рече скопскиот градоначалник.
Тој, исто така, кажа и дека половина од културните установи се целосно раздолжени, а кај останатите обврските се значително намалени.
„Музејот на Град Скопје, кој минатата година имаше сериозни долгови и исклучена струја под раководство на кадри предложени од Левица, денес има нула денари обврски. КИЦ, кој беше препознатлив по долгови, репрезентации и конгреси на ДУИ и Левица, до крајот на септември ќе има нула обврски, додека ДКЦ и Културниот дом „Кочо Рацин“ веќе се целосно раздолжени. МКЦ ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедени се средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и е-спорт центарот. Зоолошката градина ги намали обврските за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони, со дополнително намалување од 2,5 милиони денари до крајот на годината“, кажа градоначалникот.
Додаде дека заклучно со вториот квартал, обврските беа намалени за речиси 55 милиони евра, а до 27 август намалувањето достигна 60,2 милиони евра.
Ѓорѓиевски кажа и дека капиталната реализација во вториот квартал изнесува 706,3 милиони денари.
„Повеќе од вкупната реализација во првите три квартали од првите години на Петре Шилегов и Данела Арсовска, која изнесувала 330,3 милиони, односно 368,4 милиони денари, земени заедно. А според резултатите во јули и август, уште сега најавувам – следува и најдобриот трет квартал во историјата на Град Скопје“, рече градоначалникот.
















