Владимир Путин првпат ги пуштил камерите во својот стан во Кремљ во 2025 година и ги покажал раскошните простории, малата кујна, капелата и теретаната во која секојдневно поминува по еден и пол час.
Приватниот живот на претседателот на Русија, Владимир Путин, со години е скриен од очите на јавноста, но рускиот претседател во документарен филм од 2025 година првпат ги пуштил камерите во станот во Кремљ, во кој поминува голем дел од времето.
Путин му покажал на новинарот Павел Зарубин простор уреден во раскошен бело-златен стил, со позлатени детали, големи лустери, тешки завеси и бројни растенија.
Најмногу внимание привлекла просторијата која Путин ја нарекол „домашна црква“. Се простира на неколку десетици квадратни метри и е уредена во бела, зелена и златна боја, со паркет и бројни православни икони, објави рускиот портал „Agentstvo“. На влезот се наоѓа копија од Казанската икона на Мајката Божја, додека останатите икони прикажани на снимката не се идентификувани.

Путин открил дека токму во оваа просторија доаѓал да се моли за време на заложничката криза во театарот на Дубровка во 2002 година.
„Тогаш, за време на кризата со „Норд-Ост“, првпат во животот паднав на колена“, рекол Путин.

Камерите ја забележале и дневната соба со позлатени детали, штукатура, големи завеси и портрет на рускиот цар Александар III. Путин рекол дека токму во таа просторија ги примал кинескиот претседател Си Џинпинг и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.
Во трпезаријата се наоѓа копија од новгородската икона од 12 век „Спас Нерукотворен“, чиј оригинал се чува во Третјаковската галерија.
Путин ја покажал и кујната, во која на новинарите им понудил кефир и рјаженка. На масата се наоѓала и кутија белоруски чоколади што му ја подарил претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

„Тоа е подарок од Александар Григоријевич, разни белоруски чоколатца, многу се вкусни“, рекол Путин.
Во целосната верзија на документарниот филм прикажани се и библиотеката, која истовремено служи како приватна кино-сала, големата теретана и белиот клавир на кој Путин, како што признал, многу ретко свири.
Рускиот претседател ја нарекол теретаната најважниот дел од станот и открил дека во неа секојдневно вежба околу еден и пол час.


Станот има и две спални соби, па порталот „Agentstvo“, врз основа на прикажаните простории, заклучил дека во него има најмалку седум соби, покрај засебната кујна.
Путин за време на краткиот разговор открил и дека постојано размислува за тоа кој еден ден ќе го наследи на функцијата претседател на Русија.

Рекол дека се надева оти граѓаните ќе можат да избираат меѓу повеќе кандидати, но додал дека ниту еден иден претседател нема да може да направи „ништо сериозно“ доколку не ја ужива довербата на народот.
Путин на претседателските избори во 2024 година го освои петтиот мандат, кој трае до 2030 година.












