Автобус на ЈСП „Скопје“ зафатен од пожар на Средно Водно, а пожарникарите брзо интервенирале за да го изгаснат огнот и да спречат ширење кон парк-шумата.
Автобус на ЈСП „Скопје“, кој сообраќал на линијата број 25 кон Водно, денеска бил зафатен од пожар на видиковецот на Средно Водно.
Од Дирекцијата за заштита и спасување објавија детали за интервенцијата. Во гаснењето на пожарот учествувале две противпожарни возила и седум пожарникари од Скопската бригада за противпожарна заштита.
Благодарение на брзата и присебна реакција на возачот, автобусот бил паркиран на соодветно место, со што било спречено ширење на пожарот кон околината и парк-шумата „Водно“.
Во инцидентот нема повредени лица, а пожарот не ја зафатил околната шума.
Од ЈСП „Скопје“ информираат дека надлежните служби ги спроведуваат потребните проверки, по што треба да се утврди точната причина за избувнувањето на пожарот.








