[ФОТО/ВИДЕО] Во Шабац отворена фабрика за хуманоидни роботи, „Драгутин“ и „Милутин“ го пречекаа Вучиќ: „За почеток – оро!“

Точка

29/08/2026

15:32

536

Големина на фонт

а а а

Фабрика за хуманоидни роботи е отворена во Шабац, во западниот дел на Србија, пренесе „РТС“. Станува збор за првата фабрика од ваков вид во сопственост на кинеската компанија „Минт Груп“.

Во проектот досега се инвестирани 20 милиони евра, а по неговото завршување се планира годишно производство на околу 20.000 роботи, наменети, меѓу другото и за пазарот на Европската Унија.

На свеченото отворање на фабриката присуствуваше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој по пристигнувањето се сретна со раководството на компанијата и со нејзиниот основач Ќин Жунгхуа.

Посебно внимание привлекоа хуманоидните роботи Драгутин и Милутин, кои го пречекаа претседателот облечени во српска народна носија и со шајкачи на главите. Во рамките на пригодната програма тие го повикаа Вучиќ заедно со нив да „заигра едно српско оро – Моравац“, а потоа ја претставија новата фабрика и нејзините технолошки можности.

„За почеток, да заиграме едно српско оро: Моравац“ рече роботот, додека другиот додаде дека неколкупати го играле „Моравац“ и дека денес ќе покажат нешто што Србија досега не го видела.


„Во право си, Драгутине. Зад овие врати се наоѓа нов чекор во развојот на роботиката во Србија и тоа на сложено индустриско ниво. Овде се произведуваат хуманоидни роботи – технологија која ги комбинира роботиката, вештачката интелигенција, сензорите и напредното управување со движењето“ рече роботот.


Тој истакна дека роботиката во Србија има долга традиција, која датира уште од раните 60-ти години, кога во Институтот „Михајло Пупин“, Рајко Томовиќ и Миодраг Ракиќ, заедно со своите колеги, ја развиле „белградската рака“ – првата бионичка рака со пет прсти во светот.

„И кон крајот на истата деценија, професорот Миомир Вукобратовиќ го конструирал првиот активен двоножен егзоскелет. Од белградската рака и првите егзоскелети до хуманоидни роботи како вас и мене“ порача роботот.


Тие истакнаа дека новата фабрика располага со знаење, технологија и роботи – сè на едно место.

„Сега навистина можеме да кажеме: Србија оди напред. Претседателе, доста зборување, ги отвораме вратите. Одиме“ рекоа роботите.


Кинеската компанија „Минт“ работи во Србија од 2018 година, а досега има отворено 10 фабрики, од кои четири се наоѓаат во Шабац.

Компанијата „Минт“ досега инвестирала 20 милиони евра во новата фабрика за роботи, а според пишувањето на „РТС“, во неа ќе бидат вработени околу 200 до 250 лица.


Роботите од производствените линии во Шабац ќе излегуваат како табула раса, како празен лист хартија, а потоа, со помош на вештачката интелигенција, ќе им бидат зададени задачи и ќе им се инсталираат различни програми, во зависност од нивната примена во различни области од животот – најпрво во индустријата, а подоцна и во домаќинствата, наведува српскиот јавен сервис.

Станува збор за многу софистицирани уреди со сензорно-моторни способности, кои се исклучително тактилни и прецизни, слично на човечката рака. Тие ќе можат да фаќаат предмети и да ги преместуваат во просторот, па затоа, како што е најавено, првенствено ќе се користат во индустријата.


„РТС“ пишува и дека ова ќе претставува голем чекор напред и за образованието. Шабац има две средни училишта – гимназија и техничко училиште – кои образуваат кадри во областа на програмирањето, па младите таму ќе можат да најдат работа, а ќе имаат и можност да се образуваат во современи кинески центри од оваа област.