Митовски: Рударството е дел од идентитетот и силата на Крива Паланка

Макфакс

28/08/2026

16:40

123

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Сашко Митовски ја честиташе годинашната прослава на Денот на рударите во Крива Паланка, истакнувајќи ја важноста на рударството како дел од идентитетот и развојот на градот. Одбележан е и јубилејот од 10 години на успешната работа на компанијата „Булмак 2016“ и рудникот „Тораница“.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, присуствуваше на свеченоста по повод Денот на рударите, на која годинава беше одбележан и значајниот јубилеј – 10 години успешно работење на „Булмак 2016“ и рудникот „Тораница“.

Во присуство на бројни гости, претставници на компанијата и рудари, Митовски упати честитки по повод празникот и оддаде признание на генерациите рудари кои со својот труд, знаење и истрајност оставиле силен белег во економскиот и општествениот развој на Крива Паланка.

Крива Паланка не е само град во кој има рудник, Крива Паланка е рударски град. Со рударството растеле генерации, се создавале семејства, се граделе домови и иднина. Рударската традиција е длабоко вградена во идентитетот на нашиот град, а зад неа стојат луѓе чиј чесен труд заслужува највисока почит. Се гордееме со нашите рудари и со она што тие го претставуваат за Крива Паланка“, истакна Митовски.

Осврнувајќи се на десетгодишниот јубилеј, градоначалникот нагласи дека „Тораница“ има посебно место во стопанската историја на Крива Паланка, а „Булмак 2016“ значајна улога во локалната економија и заедницата.

Тој ја потенцираше и заложбата за натамошно унапредување на соработката, отворениот дијалог и партнерството, со јасна определба развојот на рудникот и развојот на градот да создаваат нови можности за Крива Паланка и нејзините граѓани.

„На сите рудари и на сите вработени во ‘Тораница’ им го честитам Денот на рударите. Нека е среќен десетгодишниот јубилеј на ‘Булмак 2016’. Со длабока почит кон рударската професија и традиција – СРЕЌНО!“, порача градоначалникот Митовски.