Стевчо Јакимовски од затвор итно пренесен во болница, му се влошила здравствената состојба?

Точка

28/08/2026

10:50

212

Големина на фонт

а а а

Поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, според непотврдени информации, е итно пренесен во болница по влошување на здравствената состојба.

Информацијата првично ја објави „24инфо“, повикувајќи се на свои извори.

Според објавените информации, причина за хоспитализацијата е влошување на постоперативна инфекција, поради што била потребна лекарска интервенција и продолжување на третманот во болнички услови.

Сепак, во меѓувреме се појавија и поинакви информации за неговата моментална состојба.

Стевчо Јакимовски речиси три недели бил хоспитализиран во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а на 26 август бил вратен во КПУ Затвор Скопје, потврди директорот на затворот, Бобан Утковски, за „Скопје1“.


Според неговата изјава, Јакимовски на 5 август бил пренесен во болница откако пријавил здравствени тегоби.

„На 5 август 2026 година, по претходно искажани здравствени тегоби и жалби од негова страна, тој беше хоспитализиран во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, каде што му беше овозможен соодветен медицински третман и здравствена грижа“, изјавил Утковски.

Оттаму, според информациите на директорот на затворот, Јакимовски бил вратен во Шутка на 26 август и во моментот се наоѓа во затворот.

Јакимовски од средината на јули ја издржува едногодишната затворска казна во Затвор Скопје. Апелациониот суд претходно му ја потврди казната за бесправно градење поврзано со објектот во кој беше сместена Општина Карпош. Бидејќи претходно поминал речиси пет месеци во притвор, во казната му бил пресметан и тој период.

Јакимовски во јавноста претходно говореше и за своите здравствени проблеми и потврди дека има карцином на белите дробови и на бешиката, поради што има редовни онколошки третмани.