СДСМ реагира на изјавите на Христијан Мицкоски во врска со дата-центрите, обвинувајќи го за манипулација и барајќи целосна транспарентност во однос на инвеститорите и условите за проекти во државата.
Фројд вели: Ако личност која самата мами, лаже или манипулира постојано, ги обвинува другите за измама, лажење или манипулација, фројдовски би можело да се каже дека таа личност ја ослободува од себе сопствената неприфатлива содржина и ја препознава во другиот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на прашања за дата-центрите, се обиде да ни држи лекција по психологија, велат од СДСМ.
„Рече дека кај опозицијата „работи Фројд“ и дека ние мислиме дека сите се однесуваат како што се однесувале претходните власти – лажејќи, ограбувајќи и понижувајќи ги граѓаните.
Што би рекол Фројд за Мицкоски?
Фројд би рекол дека станува збор за класична проекција.
Кога некој постојано зборува за тајни зделки, а истовремено тврди дека „ништо не правиме тајно“, кога најавува преговори со „голема мултинационална компанија“ без да каже која е, кога ја поврзува изградбата на гасни централи директно со дата-центри, а претходно со месеци ја криеше суштината на проектите – тоа е проекција на сопствениот начин на работа.
Фројд би го објаснил ова и како механизам на самоодбрана наречен одрекување“.
Мицкоски, додаваат од СДСМ, тврди дека сè ќе биде јавно и транспарентно, а во исто време признава дека преговара со 5-6 потенцијални инвеститори и дека една од нив е голема мултинационална компанија – но името, условите, количините на струја и вода што ќе ги трошат, локациите и гаранциите за граѓаните остануваат зад завесата.
Ова, според опозициската партија, не е стратегија за развој, туку како што велат, е обид да се прикрие дека и овојпат се работи за истиот модел: „ресурсите на државата (струја, вода, земја) да се стават во функција на странски интереси, додека домашните граѓани остануваат без одговори – исто како што останаа без одговори за Гостивар, за загадените реки, за анализите што никој не ги потпишал“.
Мицкоски зборува за вештачка интелигенција, Nvidia, Amazon и SpaceX, а заборава да каже дека Македонија нема ниту основна енергетска стабилност, ниту јасни гаранции дека дата-центрите нема да ја исцрпат водата и струјата што им се потребни на граѓаните.
Фројд би рекол уште нешто: кога човек постојано ги обвинува другите дека лажат и крадат, а самиот одбива да даде конкретни имиња, договори и анализи – тоа не е само проекција. Тоа е признание“.
СДСМ бара целосна транспарентност.
„Која е мултинационалната компанија? Кои се условите? Колку мегавати и колку вода се предвидени?
Кои локации и под кои еколошки стандарди? Кој ќе гарантира дека граѓаните нема повторно да платат за туѓи профити?
Додека овие прашања остануваат без одговор, приказните за „јавност и транспарентност“ се само уште една проекција.
Граѓаните заслужуваат факти, а не психолошки игри на Мицкоски“.















