Купувач измерил леб, па му се пожалил на пекарот дека недостигаат 10 грама: Следувал бизарен расплет тежок 15.000 евра

Точка

27/08/2026

17:33

401

Големина на фонт

а а а

Неименуван купувач се пожалил дека половината леб што ја купил била за 10 грама полесна од пропишаното, по што упатил жалба до пекар од Баварија.

Необичниот случај резултирал со трошок од 15.000 евра, колку што Матијас Брајтнер морал да вложи во нова опрема за мерење во своите продажни објекти, пренесува „Euronews“.

„Некогаш добиваш, некогаш губиш“

Сè се случило во градот Пфафенхофен ан дер Илм, северно од Минхен, каде Брајтнер со децении продава леб.

Еден од купувачите дома ја измерил половината леб што ја купил и сфатил дека е полесна од декларираната тежина. Веднаш му испратил е-пошта на пекарот, а случајот набргу стигнал и до германските медиуми.

„Некогаш добиваш, некогаш губиш. Следниот пат сигурно ќе има десет грама повеќе“, одговорил Брајтнер.

Купувачот, сепак, не го прифатил ваквиот одговор. Тој се обратил до надлежните институции, по што локалната служба за контрола на мерки и тежини го известила пекарот дека повеќе не смее да продава половини леб доколку претходно не ги измери поединечно.


Поставил нови ваги во продажните објекти

Зад овој, навидум ситен спор, стои Уредбата за претходно спакувани производи („Fertigpackungsverordnung“), со која се применуваат барањата на Европската Унија, но и дополнителни прописи што важат во Германија.

Брајтнер вели дека не сакал да продава однапред спакувани половини леб, што значи дека парчињата требало да се сечат и да се мерат за купувачите на самото место.

Токму поради тоа, како што објаснил, морал да постави нови ваги во своите продажни објекти, а вкупниот трошок изнесувал околу 15.000 евра.