Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го привлече вниманието на УС Опен не само со својот настап на теренот, туку и со впечатливото модно издание.
За време на мечот во двојки со Новак Ѓоковиќ се појави во проѕирен тениски фустан од „Nike“, додека нејзиниот изглед дополнително го надополни раскошен накит со повеќе од 127 карати скапоцени и полускапоцени камења.
Сабаленка носеше проѕирен мрежест фустан од „Nike“ со бели детали, под кој имаше светло портокалов спортски градник и соодветни кратки панталони.

Сепак, најголемо внимание привлече накитот што го носеше за време на мечот.
Накитот го креирала њујоршката јувелирница „Material Good“, која веќе извесно време соработува со Сабаленка и ги надополнува нејзините изданија на големите тениски турнири. Тенисерката со оваа јувелирница соработувала и на посебна колекција накит.
За овогодишниот УС Опен таа избрала комплет составен од ѓердан, нараквица и висечки обетки, украсени со повеќе од 127 карати обоени скапоцени камења. Во комплетот се наоѓаат сафири, турмалин, гранат, циркон, спинел, хризоберил и танзанит, во различни облици и големини.

Од јувелирницата наведоа дека колекцијата под назив „Silhouette Suite“ е инспирирана од живописниот дух и препознатливата енергија на Њујорк.
„Елементите на дизајнот се инспирирани од живописниот дух на Њујорк и неговата препознатлива енергија - силата и острината што го дефинираат овој град“, наведоа од „Material Good“, истакнувајќи дека употребените скапоцени камења потекнуваат од различни делови на светот, исто како што различните култури го сочинуваат мултикултурниот карактер на Њујорк.

Сабаленка и порано на големите турнири го привлекуваше вниманието со накитот на оваа јувелирница. На Ролан Гарос во мај носеше накит украсен со повеќе од 125 карати гранати од „Material Good“. Бојата на камењата беше своевидна посвета на познатата црвена земјена подлога на парискиот турнир.
Еден месец подоцна, на Вимблдон, се појави во комплет со смарагди. Дизајнот беше инспириран од зелената трева на терените на лондонскиот турнир, но и од нејзиниот камен на раѓање.

Сабаленка во јануари, при објавувањето на соработката со „Material Good“, истакна дека накитот за неа претставува еден од начините на кои ја изразува својата личност, како на теренот така и надвор од него.
„Накитот е начинот на кој се изразувам себеси, и на теренот и надвор од него, а ова партнерство делуваше како природен следен чекор во развојот на мојот стил“, изјави Сабаленка.
Таа додаде дека соработката со „Material Good“ ѝ овозможува да ја изрази својата креативност на нов начин и да ги надополни своите модни комбинации со накит кој е промислен и модерен.













