Серафимовски - Дрекслер: во фокусот модернизацијата на земјоделското производство

Макфакс

27/08/2026

12:10

51

Големина на фонт

а а а

Министерот Борче Серафимовски и амбасадорката Петра Дрекслер разговараа за модернизацијата на земјоделското производство, примената на современи технологии и усогласување со европските стандарди, со цел подобрување на конкурентноста и поддршка на руралните средини.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денес се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер,

Во фокусот на разговорот беа модернизацијата на земјоделското производство, примената на современи технологии, приспособувањето кон климатските промени и усогласувањето со европските стандарди. Од двете страни беше истакната важноста на размената на знаење и искуства како основа за зголемување на конкурентноста на земјоделство.

„Германското искуство покажува дека продуктивноста и одговорниот однос кон природните ресурси можат да се развиваат компатибилно, односно унапредувањето на земјоделството не мора нужно да биде на штета на природата. Овие искуства се корисни и затоа нашата намера е да ги преточиме во практични решенија што ќе донесат повисок квалитет, поголема отпорност на производството на климатските промени и конкретна корист за земјоделците“, истакна Серафимовски.

Тој ги претстави приоритетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се насочени кон зголемување на домашното производство, подобрување на квалитетот и пласманот на земјоделските производи, порационално користење на водните и шумските ресурси и создавање поодржлива економска перспектива за руралните средини.

На средбата посебно внимание беше посветено на можностите за експертска и институционална соработка, поврзување на релевантните институции и стопански субјекти, како и отворање простор за идни иницијативи во областа на иновациите, преработувачката индустрија, развојот на руралната економија и извозот на македонско вино.

Од страна на министерот Серафимовски и амбасадорката Дрекслер беше потврден заедничкиот интерес за продолжување на дијалогот и за препознавање на нови конкретни области во кои македонско-германската соработка може да добие дополнителна развојна содржина.