[ФОТО] Почина најпознатата уметница во светот, имаше 97 години: Целиот живот доброволно го поминала во лудница

Точка

27/08/2026

12:00

359

Големина на фонт

а а а

Јајои Кусама, која стана позната по своите шарени скулптури и инсталации прекриени со точки, почина на 97-годишна возраст, пишуваат светските медиуми. Кусама, која со децении доброволно живеела во психијатриска болница, беше препознатлива по светлоцрвената перика и своите огромни, необични инсталации, слики и скулптури.

Нејзините изложби привлекуваа голем број посетители во галериите ширум светот, а нејзините впечатливи дела постигнуваа некои од највисоките цени некогаш забележани за дела на една уметница.


Во соопштението на нејзината фондација стои:

„Во текот на својот исклучителен живот, целосно посветен на уметничкото творештво, Кусама изгради меѓународно призната кариера како пионерка на авангардната уметност, чија работа опфаќаше визуелна уметност, перформанс, книжевна проза и поезија“.

Како што се наведува во соопштението, Кусама починала во болница во Токио на 14 август, но медиумите за тоа дознале дури денес. Не е познато зошто информацијата била објавена со задоцнување.


Се додава: „Таа сликаше до последните денови од својот живот, никогаш не оставајќи ја четката и продолжи да ја истражува вечната љубов и бесмртната душа. Ќе продолжиме да ги исполнуваме желбите на Кусама и преку уметноста и понатаму да им носиме надеж и сила за иднината на луѓето ширум светот“.

Светот околу себе, значи, го гледала исклучиво во точки и тоа во милиони точки, па така и творела. Самата објаснувала дека нејзината „уметност произлегувала од халуцинации“. Како што додала станувало збор за халуцинации „кои само јас можам да ги видам, а кои произлегуваат од моето опсесивно-компулсивно нарушување, кое го имам уште од раното детство“.


Како дете, Кусама доживувала халуцинации на жарови и блесоци. Подоцна, својата уметност ја користела како начин на другите да им го приближи својот поглед на светот.

„Еден ден, откако на масата видов чаршаф со шара од црвени цветови, ја видов истата шара со црвени цветови насекаде по таванот, прозорците и столбовите. Таа ја исполни просторијата и го прекри моето тело“, напишала во својата автобиографија.


На секој кој барем малку го познава нејзиното творештво, му е јасно како успеала тоа да го пренесе во уметноста. Тоа ѝ помогнало и да се бори со своите демони:

„Секој ден се борам со болка, анксиозност и страв, а единствениот метод што го најдов, а кој ми ги ублажува тегобите, е да продолжам да создавам уметност“, велела уметницата.


Во шеесеттите години живеела во Њујорк и изложувала рамо до рамо со Енди Ворхол и Клас Олденбург, а била подеднакво забележлива ѕвезда на тогашната уметничка сцена.

Во седумдесеттите се вратила во Токио, каде што доброволно се пријавила во психијатриска установа и таму останала до смртта. Сепак, спроти болницата имала ателје во кое одела секојдневно, а киријата ја плаќала од продажбата на своите уметнички дела.

Една од нејзините слики била продадена на аукција во 2022 година за околу 10,5 милиони долари (7,7 милиони фунти), со што нејзините дела се вброиле меѓу најскапите во светот.


Кусама во своите осумдесетти и деведесетти години стана една од најпрепознатливите светски уметници и глобална културна икона, откако со децении главно била занемарувана.

Како што се пишувало, во 1960-тите њујоршката уметничка сцена со која доминирале мажите не го прифатила добро нејзиното творештво. Сепак, Кусама привлекла големо внимание со изложбите на фалични скулптури, меѓу кои и софа обложена со ткаенина, како и со честите прикажувања на голотија.

Меѓутоа честата голотија во нејзините дела предизвикувала потсмев во нејзината родна Јапонија.


Во 1965 година, нејзиното дело „Infinity Mirror Rooms“ („Бесконечни огледални соби“), во кое огледалата и светлата создаваат впечаток на бесконечни простори, привлекло милиони посетители. Подоцна, нејзините дела со точки и мотиви на тикви станале исклучително барани.

Меѓутоа, била длабоко вознемирена кога нејзините идеи биле копирани или кога нејзините машки современици биле „инспирирани“ од нив. Меѓу нив биле Енди Ворхол, Клас Олденбург и Лукас Самарас, чии дела биле изложувани во попрестижни галерии.

Откако со години гледала како машки уметници добиваат признание за дела поврзани со нејзините идеи, разочарана и очајна, се вратила во Јапонија.


Се сместила во психијатриска установа каде што се лекувала од психички тешкотии, а таму живеела и работела до крајот на животот.

По случајност, ја открила болницата чии лекари биле заинтересирани за уметничка терапија и самата се пријавила на лекување. Таквата средина ѝ овозможила да се посвети на создавањето уметност.

Во текот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, нејзиното творештво опфаќало необично мрачни серии колажи во кои ги прифаќала мотивите на природните животни циклуси.


Нејзините дела почнале да се појавуваат во големи музеи, а остварила и соработки со луксузни брендови, меѓу кои и „Луј Витон“, па така скулптура на Кусама била поставена пред „Maison Louis Vuitton“ во Париз во 2023 година, додека фасадата на продавницата била прекриена со шарени точки.


Кусама е родена во 1929 година во провинцискиот град Мацумото, во централниот јапонски регион Нагано. Нејзините родители не ги поддржувале нејзините рани обиди да студира сликарсво во Кјото.


Подоцна ѝ зборувале дека нејзиното занимавање со уметност претставува голем срам за нејзиното конзервативно семејство.

Критиката немала единствен став кон нејзините дела – некои во нив гледале површност, додека други ја величале. Во секој случај, се ценело тоа што уметноста за Кусама претставувала начин на соочување со нејзините внатрешни проблеми, а нејзините бескрајни мрежи и повторувања биле речиси терапевтски чин.


Како што пишувал Адријан Серл од „Гардијан“ точките не биле само весели и декоративни, „тие можат да делуваат вознемирувачки, заканувачки и дезориентирачки, а токму тука е поврзаноста меѓу нејзината уметност и искуството на психоза“.



Кусама своевремено побарала од архитектонското студио „Куме Секеи“ да изгради музеј посветен на нејзиното творештво, а музејот бил изработен во целосна тајност. Музејот бил отворен со изложбата под наслов „Создавањето е осамена активност, љубовта е она што ве приближува до уметноста“. Се наоѓа во делот на Токио наречен Шинџуку, има пет катови, а четвртиот кат е целосно посветен на нејзините прочуени точки.


Интересно е и тоа што Кусама била нарекувана неофицијална кралица на Инстаграм поради бројните фотографии објавени со нејзините дела.


„Мислам дека на крајот ќе можам да се издигнам над облаците и да се искачам по скалите до небото, од каде што ќе гледам надолу кон мојот прекрасен живот“ ова е реченицата што уметницата еднаш ја изговорила, а таа секако е соодветна за нејзиниот ин мемориам.