Не е само Ето: Пет легенди од Серија А го поддржаа Инфантино

Дерби

27/08/2026

11:09

104

Големина на фонт

а а а

Џани Инфантино ќе мора да се бори за задржување на претседателскиот статус во ФИФА на почетокот на 2027-ма година, бидејќи за месец март се предвидени претседателски избори на кои ќе стане познато дали светската куќа на фудбалот ќе фати нов правец, или се ќе остане по старо.

Инфантино се најде на голем удар по организацијата на Светското првенство и предлог планот да се продадат дел од акциите за брендот наречен фудбалски мундијал, па во период кога доби безброј жестоки критики и му беше гласана недоверба од доста познати фудбалски имиња, сега дојде време и кога станува јасно дека Швајцарецот сепак ужива и голема поддршка.

Самуел Ето беше првиот познат фудбалер од минатото кој застана зад Инфантино и побара од сите африкански селекции да го поддржат Инфантино на изборите кои ќе следат наредната година, а Џани сега доби огромна поддршка и од пет големи легенди на Серија А.

Хавиер Занети, Естебан Камбијасо, Фабио Канаваро, Марко Матераци и Кристијан Виери се меѓу оние кои го потпишаа писмото кое беше испратено во италијанската јавност, а со кое легендите му изгласаа доверба на човекот кој според нив предизвикал доста позитивни случувања во фудбалот.

– Во текот на последните 10 години, бевме сведоци на посветеноста на ФИФА и Џани Инфантино да обезбедат најдобри услови за фудбалерите, нешто што претходно не постоеше во нашата игра.

– Играчите и поранешните играчи, преку нивното вклучување во комитети, проекти и работни групи, сега имаат глас и вистинска улога во спортот. Нашите мислења се слушаат и многу иницијативи во корист на фудбалот се директен резултат на нашите придонеси, идеи, планирање и активно учество. Тоа се услови кои им одговараат на сите и треба да се држиме до курсот кој го избравме како фудбалско семејство во последните 10 години, – гласи дел од писмото на петте легенди.