Истражувачите откриле механизам во мозокот на глувци-мажјаци кој би можел да предизвикува поголема желба за алкохол кога животните се социјално изолирани, се наведува во истражувањето објавено во списанието „Nature Neuroscience“.
Истражувачите, предводени од Риша Пател од Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, ја проучувале врската помеѓу два делови од мозокот – амигдалата и префронталниот кортекс, пренесе „Шпигел“.
Кога глувците кои претходно живееле во групи биле изолирани, таа невронска врска станала значително поактивна, додека глувците-мажјаци покажале поголема склоност кон консумирање алкохол.
Животните можеле да избираат помеѓу два садови за пиење – едниот со чиста вода, а другиот со 15-процентен раствор на алкохол.
По изолацијата, мажјаците почесто го избирале алкохолот, додека женките ја намалиле неговата консумација.

„Нашето истражување покажува дека одреден сигнален пат станува премногу активен за време на изолацијата и директно доведува до зголемена консумација на алкохол, како и дека машките и женските единки прибегнуваат кон различни невронски стратегии кога се сами“, изјавила Пател.
Истражувачите сметаат дека резултатите би можеле да придонесат за подобро разбирање на алкохолизмот кај луѓето.
Тие наведуваат дека нарушувањата во слични невронски патишта кај луѓето покажуваат одредени обрасци поврзани со желбата за алкохол и повторното консумирање алкохол, додека клиничките истражувања укажуваат дека префронталниот кортекс има важна улога во овие процеси.
Слично е и кај луѓето
Слични полови разлики биле забележани и во истражувањата на луѓе.
Научниците минатата година ги анализирале податоците од околу 17.800 учесници во три големи студии во Германија и утврдиле дека осамените мажи се посклони кон почесто консумирање алкохол и со поврзани здравствени ризици.

Осамените жени, од друга страна, биле помалку склони кон консумирање алкохол отколку жените кои не пријавиле дека се осамени.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека сè уште не е познато во колкава мера наодите добиени кај глувците можат да се применат и кај луѓето и дека тоа ќе биде предмет на идни истражувања.








