Поранешниот италијански премиер Марио Драги и францускиот претседател Емануел Макрон се обидоа во 2022 година, со помош на вино и разговор во возот за Киев, да го убедат тогашниот германски канцелар Олаф Шолц да го поддржи давањето статус на кандидат за членство во Европската Унија на Украина.
Деталите од тие преговори ги открива поранешниот италијански амбасадор во Киев, Пјер Франческо Зазо, во интервју за „Европска правда“.
Зазо, кој го придружуваше Драги за време на неговата посета на Киев на 16 јуни 2022 година, изјави дека италијанскиот премиер одиграл клучна улога во обезбедувањето европска поддршка за Украина.
Според него, главната цел на разговорите меѓу Драги и Макрон била да се придобие претпазливиот германски канцелар, а преговорите започнале за време на патувањето со воз до украинската престолнина.
На прашањето дали „тројцата лидери и виното“ учествувале во тие разговори, поранешниот амбасадор потврдил дека алкохолните пијалоци биле дел од неформалната дипломатија.
„Навистина имало вино и тоа многу помогнало“, рече Зазо, според написите.
Тој додава дека подоцна разговарал со поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба дали во возот се служи француско или италијанско вино.
И покрај разговорите со Драги и Макрон, Шолц, како што изјави Зазо, останал многу резервиран за време на посетата на Киев. До заедничката прес-конференција, не беше сигурно дали јавно ќе ја поддржи кандидатурата на Украина.
Само пред новинарите германскиот канцелар објави дека прифаќа доделување статус на кандидат на Киев. Зазо процени дека влијанието на Драги врз таквата одлука е огромно, со поддршка на Макрон.
И романскиот претседател Клаус Јоханис учествувал во посетата на Киев, но според сведочењето на поранешниот амбасадор, клучните разговори се воделе меѓу Драги, Макрон и Шолц.
Украина аплицираше за членство во Европската Унија на 28 февруари 2022 година, а Европскиот совет ѝ додели статус на кандидат на 23 јуни истата година.
Фото:ЕПА












