Штерјова: Пет години лаги за модуларната, ВМРО и Мицкоски водат монструозна кампања против Филипче

Макфакс

23/08/2026

11:20

94

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски ги злоупотребуваат настаните од пожарот во модуларната болница во Тетово за политички напади против Венко Филипче, додека истовремено се создава кампања на омраза и беспочвени обвинувања.

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски пет години ја користат трагедијата во модуларната болница во Тетово за политичка пресметка со претседателот на партијата, Венко Филипче.

На прес-конференција, Кети Штерјова рече дека Филипче и СДСМ не се мешале во работата на Јавното обвинителство и не вршеле притисок врз институциите, бидејќи, како што посочи, постапките мора да се водат независно.

„Модуларните болници беа набавени преку меѓународна постапка на Светската банка, со механизми на контрола, во време на најголемата здравствена криза во поновата историја. Тие болници не се градеа за тендерски профит, туку за да се спасуваат животи. Се градеа во време кога болниците беа преполни, кога немаше доволно кревети, кога здравствените работници водеа битка за секој пациент. Ако постоела и најмала основа за кривична одговорност на Филипче, зарем некој верува дека Мицкоски и ВМРО немаше да најдат начин да ја искористат? По две години власт, со целата моќ што ја имаат, ќе оставеа нешто неискористено против својот најголем политички противник“, рече Штерјова.

Од СДСМ обвинија и за, како што го нарекоа, „јавен линч“ против Филипче, при што тој бил нарекуван „убиец“ и „д-р Менгеле“.

„ВМРО-ОКГ водеше јaвен линч и политички суд цели 5 години. Без докази. Без пресуда. Без никакви граници. Човек кој е доктор, хирург и универзитетски професор, го нарекуваа убиец. Човек кој целиот професионален живот лекува пациенти, спасува животи и образува идни лекари, го нарекуваа „д-р Менгеле“. Тоа е дел од кампањата на ВМРО и Мицкоски за ширење омраза и поделби. Истата кампања која потоа организирано се рашири низ медиумската машинерија на ВМРО и Орбановите 40% од медиумите“, кажа Штерјова.

СДСМ побара ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да им се извинат на граѓаните, а пред сè на семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.