Ангелов: Пламените јазици дојдоа до куќите во Бонче, избегната е голема трагедија

Макфакс

23/08/2026

09:35

207

Големина на фонт

а а а

Голем пожар се закани да го зафати селото Бонче, но благодарение на храбрата интервенција на доброволните и професионалните пожарникари, трагедијата е избегната. Пожарот се прошири и кон други села, при што опасноста од пожари останува висока поради високите температури и сувата вегетација.

Голем пожар утрово пред зори се заканувал да го зафати селото Бонче. Силниот ветер ги туркал пламените јазици директно кон куќите, а огнената линија се движела нагоре по планината.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека селото е спасено благодарение на храбрата интервенција на доброволните пожарникари од Битола и Кочани, кои биле распоредени уште синоќа.

Пламените јазици дојдоа до последните куќи на неколку стотици метри. Избегната е голема трагедија“, изјави Ангелов.

Во Бонче има повеќе од 50 до 60 куќи, распоредени на неколку ридишта, опкружени со висока и сува вегетација. Поради непристапниот терен, противпожарните пресеки направени во претходните денови не биле доволни за да го запрат огнот.

Во гаснењето се вклучиле и професионалните пожарникари од Прилеп и Кавадарци, а превентивно била повикана и екипа на Итна медицинска помош од Прилеп. Неколку доброволци од Битола се наголтале чад.

Покрај пожарот кај Бонче, огнената стихија се приближила и на околу сто метри од последните куќи во село Палиград, на планината Китка. Таму се распоредени скопски пожарникари и екипа на Дирекцијата со „Пинцгауер“, а во гаснењето од воздух се вклучиле и трите „Ер трактори“.

„Се надевам дека со трите Ер Трактори ќе зададеме конечен удар на тој пожар на Китка“, рече Ангелов, посочувајќи дека пожарот повеќепати бил ставен под контрола, но повторно се активирал поради високите температури, ветерот и тешкиот терен.

Во текот на вчерашниот ден во земјава биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор. Повеќето од нив не загрозиле населени места, но дел се приближиле до куќи и викенд-населби.

Пожарот кај гробиштата во Прилеп ја загрозил викенд-населбата, но според досегашните информации нема изгорени викендици. Активни пожари има и на територијата на Маврово и Ростуше и Кичево, додека пожарот кај Желино е значително намален и делумно ставен под контрола.

Засега нема загинати или повредени лица, ниту изгорени куќи.

Сепак, опасноста останува висока. Високите температури продолжуваат, а во наредниот период не се очекуваат значителни врнежи. Според Ангелов, тревата е „барут сува“, па и мал локален дожд би имал краткотраен ефект.

Од Дирекцијата повторно апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни.

„Доволна е само една искра за вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов.